Покрај вашиот повеќечасовен сон, сепак се разбудивте чувсствувајќи се депресивно и уморно?
Негативните мисли постојано навираат и единственото нешто кое го посакувате е повторно да се вратите во кревет.
Не очајувајте. Верувале или не, феноменот познат како утринска депресија им се случува на повеќе луѓе отколку што вие мислите.
Понекогаш овие промени во целокупното расположение се случуваат брзо и случајно.
Чудно е, луѓето честопати мислат дека оваа „грозница“ е всушност нормален процес на будење, но не е така.
Утринската депресија се карактеризира со неколку симптоми кои можат да се разликуваат од нормалниот процес на будење.
Симптоми на утринска депресија:
Оваа дневна варијација може да предизвика слични симптоми на нормално расположение при будење, проследено со негативни чувства, кои повеќето од нас ги имаме при разделбата со нашиот кревет. Но, тие се малку поразлични.
Како прво, човек кој се справува со утринска депресија, наутро ќе има сериозни потешкотии околу будењето.
Ова може дури и да доведе до физичко присилување за станување од креветот.
Исто така, видливи се потешкотии во јасното размислување, такашто зборувањето за важни теми не би било препорачливо.
Утринската депресија предизвикува прекумерно спиење, а кога конечно ќе ја напуштите вашата постела, рутинските задачи ќе ги завршувате со значително поголема тешкотија.
Која е причината за појавувањето на утринската депресија?
Иако не постојат точни утврдувања и потврдени причини за утринска депресија, постојат неколку теории зошто таа често се случува.
Најголемиот виновник за неа се хормоналните проблеми. Постојат два „главни играчи“ во циклусот на спиење и будење, и тоа мелатонин и кортизол.
Доколку нивото на овие хормони не е како што треба, ќе се чувствувате омалаксано и уморно.
Мелатонинот е создаден за да ви помогне да заспиете и ако не се регулира правилно, вашиот биолошки часовник ќе биде исклучен.
Ова може многу да влијае и на начинот како ќе се чувствувате следното утро.
Други придонесувачи за ваквото утринско чувство може да бидат: употреба на разни супстанци, медицинската состојба во која се наоѓате, одредена траума или генетски причини.
Како што гледате, постојат навистина многу причини.
Најважно од сѐ е правилното соочување со проблемот и варијациите во емоциите, за да можеме да го започнеме денот на вистински начин.
Па, како да се справите со утринската депресија?
1. Подобрување на околината за спиење
Подобрувањето во вашата околина, односно вашиот амбиент за спиење, може да го промени начинот на кој се чувствувате кога ќе се разбудите.
Како што се вели: „Она што го гледаме, тоа и го чувствуваме“.
Работи што треба да се земат предвид во врска со вашата спална соба се:
– Исклучувањето на вашите телевизори и оддалечувањето од вашиот мобилен телефон
– Чувањето на просторијата темна и поладна од останатите соби
– Елиминирање на сите други работи што ви го одвлекуваат вниманието
2. Разбудете се порано
Ако постојано се соочувате со утринска депресија, а спиете онолку колку што можете пред вашите работни обврски, тогаш направете промена.
Наместо тоа, станете порано и сторете нешто пред да се подготвите за работа.
Навистина не е важно што всушност правите, сè додека е продуктивно и останувате зафатени.
Зошто ова помага?
Затоа што, правењето нешто наутро пред работа ја намалува вашата тензична монотонија и на тој начин се зголемува мотивацијата и љубопитноста за вашата работа.
3. Веднаш вклучете ги светлата и отворете ги ролетните
Веднаш штом ќе се разбудите, отворете ги вашите завеси или вклучете ги сите светла со кои располага вашата спална соба.
Сончевата светлина е одлично оружје против депресијата, поради тоа што таа ја поттикнува синтезата на витаминот Д.
Ако можете, најдобро е веднаш да станете и брзо да отворите барем еден прозорец. На тој начин ѝ дозволувате на природната светлина да влезе во собата и да го поправи вашето расположение.
Неверојатно е колку брзо започнува да функционира.
По некое време, утринската депресија со која се соочувате ќе биде значително намалена.
4. Бидете доследни
Држењето до вашите поставени правила доведува до елиминирање на голем дел на негативните емоции што ги чувствувате кога ќе се разбудите.
Со ваквата дисциплина, вашето станување ќе стане „поприродно“ и шансата да добиете целосни 6-8 часа спиење во текот на ноќта значително ќе се зголеми.
Бидејќи телото и умот се поврзани, а на телото му е потребен доволен одмор, тогаш доследноста ќе биде вашиот најправилен потег.
5. Воздржете се од консумирање кофеин пред спиење
Никогаш не пијте кафе или пијалаци кои содржат кофеин непосредно пред спиење.
Иако овие пијалаци обезбедуваат привремена енергија, освен што допринесуваат кон потежок сон, тие можат да предизвикаат тегоби и мачнини наутро.
Всушност, најдобро би било ваквите пијалаци да се консумираат пред 6 или 8 часот навечер.
6. Обидете се да не размислувате премногу
Сите ваши грижи и ситуации со кои не умеете да се справите предизвикуваат недостаток на сон.
Недостатокот на сон е еднаков на полошо утро.
Се разбира, ова барање не е воопшто едноставно и лесно, но единствено вие можете да си помогнете.
Сите оние мисли кои ве обземаат со часови и не ви даваат сон, исто така можат да „воскреснат“ веднаш штом ќе се разбудите.
7. Подгответе се за утринските рутини
Пред да си легнете, подгответе си ја облеката што ќе ја носите утрешниот ден или, пак, завршете некое „делче“ кое не сте го планирале денеска.
Можете да подготвите дел од појадокот, да направите белешки како потсетници за нештата и уште многу други лични работи.
Подготовките за следното утро ја зголемуваат вашата одговорност и прават да се чувствувате поубаво.
Ваквото чувство допринесува кон намалувањето на стресот во вашиот живот, а со него и утринската депресија полека си „заминува“.