ФИЛИПЧЕ, ОД ЅВЕЗДИ ВО ЛЕПЕШКИ

Капак беше и последниот негов прес, кога се обидуваше да пласира смиреност кон јавноста, но секој негов одговор зборуваше против него и неговата навидум смиреност. Иако во Скопје прогласија тридневен полициски час, за него е во ред што се дозволи преку сто илјади скопјани, на веста за полицискиот час, да се разбегаат по родните грутки во државава, во Берово, Пехчево, Струмица, Охрид, Дојран, Маврово… И тоа во денови кога во Скопје бројот на заразени ја помина стотката. Можеме само да погодуваме колку од бегалците го носат вирусот во себе. Колку од нив ќе заразат други по плажите во Дојран, Преспа и Охрид? Дел од нив до понеделник ќе се вратат во Скопје и само ќе продолжат да го пренесуваат вирулентниот капитал во себе по продавници, лифтови, работни места, на клупа во маало.

Ништо ново за нас. Ќе беше чудно ако бабулето ни издржеше и во второто полувреме. Вака пак примивме пет гола и по добрата игра во првото, на чело со капитенот Филипче. После ова фијаско, редно е да поднесе оставка, оти најголемиот дел од одговорноста е негова, ничија друга. Не се граѓаните виновни за тоа што се недисциплинирани. Затоа и постојат државите. Да го дисциплинираат својот народ. Ако вашето тригодишно дете постојано моча од тераса во саксиите на комшијата под вас, кој е виновен? Детето или вие како родители што не сте го воспитале? Затоа не му држи тој спин на Филипче за незрелоста за народот што токму тие треба да го воспитаат со казни и воспитни мерки, под услов тие да не се селективни и обоени со политикантство.

Е па, Филипче одбра да игра политика во време на опасна епидемија. Ќе останеше голем во нашите очи, ако во старт се спротивставеше на пазарот на неговите партиски другари со верските заедници, особено со исламската. Ако речеше: Јас другари на оваа станица слегувам. Не можам против мојата професионална етика и Хипократовата заклетва. Не можам против здравјето на граѓаните. Тој молчеше, тераше министерување и се доведе во ситуација да биде посипан со пепел. Секако, на радост на Заев и на неколку тешки полтрони околу него, кои не се чувствуваа комфорно пред неговиот рејтинг на почетокот на кризата. Како и да е, барем научи важна лекција. Кај нас, не постои добар човек и вешт во професијата кој не се извалкал оној миг кога решил да влезе во политиката и да има работа со некадарни амбициозни хиени, жедни за власт.

Преземено со Прекутасевски.мк во согласност со Сашо Тасевски

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.