(Фото) Ѓорѓиевски: Планинска спасителна служба на Водно и во Кањон Матка, безбедноста на граѓаните е наша обврска

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со Црвениот крст на Град Скопје го претстави тимот за подготвеност и дејствување при катастрофи, како и проектот за функционирање на Планинската спасителна служба на Водно и обезбедување спасителни интервенции на подрачјето на Кањон Матка.
„Присуствувавме и на симулациска вежба за спасување повредено лице во планински услови, каде обучените спасители и парамедици ја демонстрираа својата подготвеност за брза, координирана и професионална реакција. Кога е загрозен човечки живот, секоја секунда е драгоцена!“, напиша градоначалникот на ФБ.
Според Ѓорѓиевски, преку организирани дежурства ќе се обезбедуваат прва помош, спасување, евакуација и безбеден транспорт на повредени лица, а ќе се спроведуваат и континуирани обуки и симулациски вежби за унапредување на подготвеноста на спасителните тимови.
„Дополнително, посетителите ќе можат да го измерат крвниот притисок на штандовите кои се наоѓаат на овие места. Нашата цел покрај брза и навремена реакција, е и да превенираме. Преку едукативни активности ќе ја подигнуваме јавната свест за безбедно движење во природа, превенција од пожари и заштита на животната средина“, вели Ѓорѓиевски.
Тој информираше дека за реализација на активностите е обезбеден буџет двојно повисок во однос на претходната година, што, како што наведе, ќе овозможи повеќе опрема, поголема подготвеност и поквалитетна помош за сите на кои им е најпотребна.

The post (Фото) Ѓорѓиевски: Планинска спасителна служба на Водно и во Кањон Матка, безбедноста на граѓаните е наша обврска appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: