Градоначалникот на Градот Скопјe, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека денес одржал координативен состанок со градоначалниците на општините во Скопјe и Кризниот штаб на Градот Скопјe, на кој биле разгледани штетите и последиците од лошото време што вчера го зафати главниот град.
Според Ѓорѓиевски, општините во Скопје ќе формираат комисии пред кои граѓаните ќе можат да пријават штети предизвикани од лоши временски услови. Во координација со Градот Скопје ќе се изврши стручна проценка на пријавените штети, по што, согласно законските прописи и расположивите можности, ќе се покрене постапка за поддршка на граѓаните во санацијата на оштетените станбени објекти.
Тој предупреди дека е постигнат договор со градоначалниците општинските градежни инспектори, инспекторите за домување и другите надлежни служби да вршат зголемени и строги инспекции на сите објекти каде што лошите временски услови предизвикале оштетувања на кровните конструкции.
„Сите згради со оштетени покриви ќе бидат проверени за да се утврдат причините за предизвиканата штета, имајќи предвид дека нивното одржување е обврска на советите на жителите“, нагласи Ѓорѓиевски.
Тој подвлече дека сите расположиви капацитети се ставени во функција за справување со последиците од лошите временски услови и потсети дека Градот Скопјe има и фонд за солидарност, во кој се обезбедени средства за обештетување на граѓаните во вакви ситуации.
Ѓорѓиевски изрази благодарност до екипите на јавните претпријатија и Противпожарната бригада за нивната брза реакција по лошото време, нагласувајќи дека чистењето на теренот ќе продолжи до целосно санирање на последиците и обезбедување на безбедноста на граѓаните.
Пронајдете не на следниве мрежи:



