Франција на нозе по најавата за отпуштања во челичарниците на „Арчелор Митал“

Франција ќе предводи група земји од Европската унија кои ќе инсистираат на мерки за заштита на европските челичарници од евтиниот кинески челик, изјави во четвртокот портпаролката на француската влада Софи Примас, откако гигантот „Арчелор Митал“ објави дека ќе укине неколку стотици работни места, пренесе „Ројтерс“.

На крајот на февруари, Франција, заедно со Белгија, Италија, Луксембург, Романија, Словачка и Шпанија, потпишаа заедничка декларација за акционен план за европската индустрија за челик, се наведува во соопштението на француското Министерство за економија.

Високите цени на енергијата и евтината азиска конкуренција ја турнаа европската индустрија за челик во криза која трае со години. Последниот удар го зададоа американските царини од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум, при што компаниите стравуваат дека пратките сега би можеле да завршат на европскиот пазар.

Во средата, француската филијала на мултинационалниот гигант „Арчелор Митал“ објави дека се губат околу 600 работни места во седум фабрики. Седиштето на „Арчелор Митал“ е во Луксембург и тој има операции во 15 земји, вклучувајќи ги и Македонија, Франција, Босна и Херцеговина и Индија.

„Ги имплементиравме сите можни краткорочни мерки за прилагодување, но компанијата сега мора да ги разгледа и мерките за реорганизација за да го прилагоди своето работење на новите пазарни услови и да ја обезбеди својата конкурентност во иднина“, објави француската подружница на компанијата.

Конкурентноста на европските производители на челик е поткопана, меѓу другото, и од хиперпродукцијата на челик во Кина, изјави во четвртокот портпаролката на француската влада. Треба да се направат дополнителни напори за поддршка на европската челична индустрија која се бори, додаде таа.

„Ги презедовме првите чекори, пред сè со воведување квоти за увоз на челик од Кина, но мора да продолжиме, со Франција на чело“, изјави портпаролката за CNews/Europe 1.

Одлуката за укинување на работните места го изложи „ArcelorMittal“ на бројни критики, бидејќи доби државна поддршка како дел од планот за реиндустријализација на одредени делови на Франција.

„Се боревме со сите сили да обезбедиме поддршка од (француската) влада и Европската унија во финансирањето на декарбонизацијата, клучна за ArcelorMittal“, рече Савие Бертран, претседател на регионот От де Франс, во кој се сместени неколку погони кои се предвидени за гаснење.

„Време е групата да ни каже кога ќе ги реализира овие инвестиции“, напиша Бертран во објавата на платформата X.

Потегот на „ArcelorMittal“ уследи по најавата на конкурент за укинување на приближно 20 отсто од работните места во голема фабрика во Холандија.

Пронајдете не на следниве мрежи: