Младинските политики во Северна Македонија постојат повеќе на хартија отколку во пракса, а чувството на разочараност кај младите сè повеќе расте, оцени Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени во дебатата „Топ Тема“ на Телма.
Ходаи посочи дека иако пред неколку години размислувал да студира во странство, сепак одлучил да остане во земјата и да се бори за промени.
„Иако куферчето ми е спакувано, многу сакам да останам тука… чувствувам одговорност кон моите родители, другари и колеги и да продолжам да се борам“, изјави Ходаи.
Според него, клучниот проблем е што младите со години се третираат како небитен фактор во општеството, што директно влијае врз квалитетот на политиките што се креираат за нив.
„Институциите со години воопшто не ги гледаат младите како важна општествена структура, туку како вишок. Кога тој менталитет постои, нормално е дека младинските политики нема да бидат квалитетни“, нагласи тој.
Ходаи истакна дека потребна е нова генерација активизам, кој нема да биде формален или партиски контролиран, туку автентичен и насочен кон реални промени.
„Нема логика по 10 години да зборуваме за истите проблеми, а да не преземеме одговорност. Никој нема да дојде да ни ги среди работите – ние сме тие што треба да ги смениме“, порача Ходаи.
Во дебатата беше отворено и прашањето дали младинскиот активизам денес е суштински или сведeн на форма, како и дилемата дали младите треба да останат во земјата или да ја бараат својата иднина во странство, во услови кога, како што беше посочено, можностите и условите континуирано се намалуваат.



