ХОЛАНДИЈА: Во знак на револт прекината финансиска поддршка за Судскиот совет

Холандија стави во мирување проект поврзан со Судскиот совет, во знак на незадоволство од состојбите во македонското судство – откри холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп во интервју за „Радио Слободна Европа“.

Говорејќи за состојбата во македонското судство и во Судскиот совет, тој оцени дека таа е загрижувачка, а Судскиот совет го нарече „нелегитимно тело“.

– Сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој. Сега го имаме и случајот со Судскиот совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет. Ситуацијата е многу сериозна – рече амбасадорот во интервјуто за РСЕ.

Според Коп, носењето на законот со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО во февруари 2020 година во Парламентот, било клучно за Холандија да се согласи за членство на Македонија во ЕУ.

– Во изминатите две години мислевме дека видовме напредок, подобар менталитет, независно поставување на судии во Судот, но исто така сега повторно гледаме дека работите се влошуваат.

Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго и дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, случаите со масовното преслушување, тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно – вели Клоп.

Од Судскиот совет велат дека со внимание го проследиле, но засега нема да го коментираат интервјуто на холандскиот амбасадор Коп, но посочуваат дека претседателот на Советот Сашко Георгиев ќе иницира средба со него, на која ќе може да се разговара за сите отворени прашања, но и како да се унапреди долгогодишната соработка со оваа амбасада.

Ова прашање, според извори во Советот, ќе биде тема на денешниот работен колегиум, на кој членовите на Советот ќе дискутираат за сите важни аспекти поврзани со овој случај, по што ќе заземе и став како да продолжи овој важен проект и во иднина.

Судскиот совет е тело кое во последните неколку месеци постојано го тресат скандали, а по контроверзното разрешување кон крајот на април на тогашната претседателка Весна Дамева, Георгиев стана трет претседател на Советот во последните пет месеци. И Дамева, како и нејзината претходничка Павлина Црвенковска, се жалеше дека нејзиното заминување е мотивирано од притисоци со политичка позадина, а минатата недела двајца членови на советот пријавиле дека им било претурано по работите во канцеларија.

Дамева неодамна информираше дека поднела тужба до Управниот суд и кривична пријава до Основното јавно обвинителство за нејзиното разрешување.

Дека советот навистина е во големи проблеми покажува и последната претставка за која веќе ОЈО оформи и предмет, а која се однесува за примање на мито од страна на член на судски совет и врховен судија од Штип.

Холандскиот амбасадор не е прв меѓународен претставник кој јавно изразува незадоволство од состојбите во македонското судство. Амбасадорката на САД во земјава Ангела Прајс Агелер на 11 април годинава испрати писмо до судските и извршните органи во кое изразува загриженост за настаните поврзани со предметите од висок профил. Во писмото беа истакнати напорите на САД и вложените половина милијарда евра за реформи во судството, но според оценката на Агелр, тоа не вродило со никакви резултати. Токму ова писмо беше употребено како лајт мотив за смена на тогашната претседателка Весна Дамева.

Пронајдете не на следниве мрежи: