Вечерва на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе се одржи хуманитарен фудбалски натпревар помеѓу легендарните клубови Вардар и Црвена Звезда. Овој значаен спортски настан има за цел да оддаде почит на жртвите од трагичниот пожар во Кочани и да обезбеди финансиска поддршка за нивните семејства.
Меѓу присутните ќе бидат бројни фудбалски легенди кои ги обележаа историите на двата клуба. Еден од нив е Илија Најдоски, симбол и на Вардар и на Црвена Звезда, кој не ја крие својата емоција поради реализацијата на оваа иницијатива:
„Голема благодарност до Црвена Звезда што веднаш ја прифати иницијативата да настапи во Скопје. Генералниот директор Звездан Терзиќ и целата управа направија исклучителен гест. Овој натпревар ќе ги потсети фановите на едно време кога овие два клуба водеа славни битки,“ изјави Најдоски.
„Црвена Звезда има многу навивачи во Македонија, и токму тие нема да ја пропуштат оваа можност. Според информациите, до понеделник биле продадени над 20.000 билети, а јас верувам дека стадионот ќе биде исполнет до последно место.“
Солидарност со семејствата на загинатите изрази и поранешниот ас на Црвена Звезда и селектор на македонската репрезентација, Бошко Ѓуровски, кој ќе биде дел од делегацијата на српскиот клуб.
„Чест ми е што сум дел од настанот кој симболизира пријателство и поддршка. Ова е гест со кој Црвена Звезда покажува братство кон македонскиот народ,“ рече Ѓуровски.
„На полувремето ќе направиме почесен круг, за публиката да има можност да ги поздрави некогашните асови од двата клуба – како симболична почит кон жртвите и потсетник на златните времиња на нашите екипи.“
Во своето обраќање, Ѓуровски истакна и дека го радуваат најавите за враќањето на Вардар на победничките патеки:
„Клубот се соочуваше со бројни финансиски проблеми, но новиот сопственик има амбициозни планови и најави борба за титулата веќе од следната сезона. Вардар е симбол за македонскиот фудбал, како што е Црвена Звезда во Србија.“
The post Хуманитарен натпревар меѓу Вардар и Црвена Звезда: Натпревар исполнет со емоции, спомени и солидарност appeared first on 365.mk.