Големо количество пури во вредност од четири илјади евра е запленето од страна на мобилна царинска екипа од Одделот за оперативни работи по проверка на автобус што влегувал во земјата на граничниот премин Табановец. До Основното јавно обвинителство Куманово е поднесена кривична пријава против лицето К.Б., државјанин на Република Македонија, за сторено кривично дело криумчарење, казниво според Кривичниот законик. Осомничениот е возач на автобус вработен во компанија што врши меѓународен патен превоз.
Во конкретниот случај, мобилна царинска екипа, поради сомневање, го запрела автобусот за детален преглед, при што под седиштата и во фабричка празнина биле пронајдени вкупно 312 пури од различни производители.
Избегнатите даноци се проценуваат на 174,9 илјади денари. Акцизните производи, кои се предмет на обид за шверц, се запленети и, по издавање на наредба од страна на Јавното обвинителство Куманово, ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со запленет имот.
Царинската управа продолжува со засилени контроли насочени кон спречување на нелегална трговија со акцизни производи, заштита на финансиските интереси на државата, заштита на здравјето на граѓаните и обезбедување услови за фер економија.
The post Царинска управа: Спречен обид за шверцување на 312 пури во Табановец appeared first on Во Центар.



