Цената на суровата нафта „Брент“ во средата вечерта се искачи над 101 долар за барел, за првпат од мај, поттикната од ескалацијата на тензиите меѓу САД и Иран и зголемената побарувачка на Кина за нафта.
Американската сурова нафта WTI поскапе над 96 долари за барел, достигнувајќи го највисокото ниво од мај, објавија медиумите. Според „Ројтерс“, Брентот во средата ја заврши трговијата на 101,21 долар за барел, додека WTI достигна 96,05 долари.
Американската војска соопшти дека уништила пет ирански танкери кои превезувале сурова нафта, додека Иран соопшти дека нападнал 10 пловни објекти во близина на Ормускиот теснец. Иранската револуционерна гарда предупреди дека ќе го засили одговорот на евентуални нови напади.
Најновата ескалација дополнително ги зголеми стравувањата од нови нарушувања во глобалното снабдување со нафта, особено во областа на Ормускиот теснец, клучен поморски коридор за транспорт на енергенси од Блискиот Исток.
Преку Ормускиот теснец, пред почетокот на конфликтот, се транспортираше околу една петтина од глобалното снабдување со нафта и гас, а актуелните текови се значително под претходното ниво.



