Центарот на Скопје ќе биде затворен за автомобили од следната година

Низ центарот на Скопје од наредната година нема да се движат автомобили. Градоначалникот Петре Шилегов вели дека во моментов работат на проектот потегот од крстосницата кај Собранието до трговскиот центар „Палома бјанка“ да стане пешачка зона.
„Она што сега го работиме е догодина целосно да се затвори Мал ринг за возила и да стане пешачка зона, како што е секаде во светот. Тој дел ќе добие комплетно нов изглед, со уреден плочник и тротоари, а паркот ’Жена борец‘ ќе се прошири кон Собранието. Размислуваме единствено на тој простор да се движат автобусите од јавниот превоз. Паралелно ќе се работи на проширување на улицата Даме Груев во булевар. Проблемот со зградата на поранешен ’Макотекс‘ која се наоѓа на самата улица го решаваме. Градот ќе ја откупи зградата и ќе ја урне. Во тој дел ќе има простор и за парк кој ќе биде замена на паркот спроти Стара железничка станица, кој беше уништен заради изградба на зграда од проектот ’Скопје 2014‘“, вели Шилегов.
Есенва Град Скопје ќе почне со уредување на влезот кон Плоштадот Македонија кај триумфалната порта.


„Ќе влеземе во уредување на помали места за да го подигнеме квалитетот на јавниот простор. Влезот кон Плоштад сега е една асфалтна површина што на ништо не личи. До крајот на октомври ќе имаме нов изглед на овој простор кој ќе вклучува и зеленило“, вели Шилегов.
Град Скопје летово работи на реконструкција на десетина улици низ градот. За првпат, како што вели Шилегов, се работи навечер и градежните работи се изведуваат во рекорди рокови, што не било пракса во минатото. За ноќното работење на улиците не се наплаќа повеќе, туку во договорот со изведувачите е предвидено тие да работат 16 часа во текот на денот.


„Она што Градот го направи пред почетокот на оваа градежна сезона, кога ги спроведувавме постапките за јавни набавки, беше условување на изведувачите кои ќе ја добијат работат да се придружуваат на терминот за изведба и градежните работи да се одвиваат најмалку 16 часа. Тоа за прв пат е видливо во нашиот град. Со еден поинаков начин на менаџирање на буџетските средства ги решаваме проблемите на граѓаните. Често зборувам дека не знам што се работело изминатите 30 години, еве сега го повторувам тоа. Градот е финансиски стабилен, немаме нови кредитни задолжувања, а сепак успеваме да реализираме подобрување на инфраструктура. Ако се одвојат 15-20 отсто од буџетот, што е околу 10 милиони евра, се завршуваат голем број инфраструктурни проекти. Тогаш стварно се прашувам на што се трошеле парите порано?“, вели Шилегов.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.