НАУКА И ПОЛИТИКА. Во 1989 год. дадов интервју за „Млад борец“, насловено „Тажен и трагичен е сиот социјализам досега“. На прашањето што мислам за местото на науката и фиозофијата во политиката одговорив:
„Идејата со државата да управуваат најумните, т.е. филозофите, потекнува од Платон. Меѓутоа, сметам дека би било ужасно кога тоа би се остварило. Во тој случај, филозофите би престанале да бидат тоа што се. Филозофот мора секогаш да поседува критичка дистанца кон она што е. Ако го загуби ова чувство, ако дозволи да биде непосредно вовлечен во политичкиот живот, тогаш една од неговите битни димензии – критичност кон постоечкото – се губи. Тоа не важи само за филозофијата, туку и за науката воопшто. Посебно за општествените науки. Науката не одлучува, како што политиката не креира. Политиката, во одредена смисла, е умешност да се одберат оптималните понудени решенија за одреден проблем. Во оваа смисла, вештиот политичар се обраќа, на пример, до неколку врвни економисти, сакајќи да го чуе нивното мислење за надминување на извесни проблеми. На економистите е да понудат решенија, а политичарот да го одбере она за кое смета дека е најсврсисходно. Но, кога ќе се измешаат овие различни функции, кога науката ќе почне да одлучува, а политиката да креира, ќе се добие комична (кога не би била трагична) ситуација. Трагична затоа што се добива первертиран однос. Политичарот игра улога на умна и учена глава, а научникот на вешт политичар. Во ваква ситуација ниту политичарот е умен, ниту научникот е политичар. Притоа, ситуацијата во која филозофот би владеел ќе биде уште позастрашувачка, бидејќи својата вистина би ја прогласил за општа. Тоа директно води кон деспотизам. Секој интелектуалец, особено филозофите, се ужасно нарцисоидни.“ („Млад борец“, 2.10.1989, стр. 8-9. Интервјуто, во неизменета форма, го објавив во книгата „Сведоштва и коментари“, Скопје, 1999 год.)
Оттогаш, изминаа скоро триесет години. Меѓутоа, мојот став за односот политика-наука-интелектуалци не го сменив. И денес сметам дека научникот треба да влијае врз политиката, меѓутоа не на политички начин. Не смее, влијаејќи врз политиката, да биде вовлечен во политиката. Дистанцата кон неа е неопходна.
За повеќе текстови и мислења на професорот Цуцуловски следете го тагот: ПУЛСОТ НА ЦУЦУЛОВСКИ