Цуцуловски: ЗА КУЧИЊАТА И…

ЗА КУЧИЊАТА И…

Ова го пишувам како пензионер, без никаков пардон кон никој. Речиси не постои медиум во Државата, ако ова e држава, во кој не се нагласува дека пензионерите создавале неред и турканици пред продавниците, супермаркетите и банките, со своето комотно, што значи неодговорно однесување. Некои од нив дури и раскалашено се шетале по улиците, ризикувајќи да се заразат и, на тој начин, да ги заразат и другите.
Замислете ваква теза да се изрече за припадниците на ЛГБТ заедницата. Вревата што ќе ја подигнат „слободарите“, „снобовите“, „либералите“ и помодарите ќе биде неподнослива, бидејќи ќе ја прогласат за израз на примитивна балканска дискриминација, за израз на омраза и повик за линч на ЛГБТ заедницата, како што и купувањето лубриканти (за нечии потреби) беше знак на еманципиран потег.
Кога првпат се воведе полициски час (од 21:00 до 05:00 часот наутро) по Водно веднаш беа организирани теревенки, со палење огнови и налевање со алкохол. Никој (и со право!) тоа не им го припиша на младите онака топтан, генерално, како што и полноќните „балови“ во Сопиште или Соње не им ги припиша на младите во целост. Трагично е што посредно (повеќе или помалку) пензионерите се сметаат за терет на државата (како да се нејзин трошок/баласт), неводејќи сметка дека за време на целиот свој работен век одвојувале/одвојувавме за пензиските и здраствените фондови.
Ќе ги имаше ли денешните училишта, факултети, станови, патишта, културни домови… ако тогашните млади (сега пензионери) не учествуваа/учествуваме во нивната изградба? Ќе ги имаше ли некогашните стопански објекти (уништени за време на транзицијата) ако не беа/бевме тогашните млади, сега пензионери? Пензинерите, и возрасните воопшто, сметале со своето еднократно двочасовно движење по улиците, парковите, дуќаните.
За разлика од нив, кучињата и домашните миленичиња имаат право на три прошетки дневно.

Постои ли срам и совест во оваа општество?

Прашањето е, се разбира, реторичко – како може некој да чувствува срам, ако нема ниту свест, ниту совест?
Меѓутоа, она што навистина вџашува (барем мене ме вџашува) е отсуството на свест за сопствената иднина. Како може да се заборава дека секоја младост (во најдобар случај!) завршува со старост и дека, токму затоа, манифестираниот анимозитет кон возрасните е, во основа, анимозитет кон она што по неколку децении самите ќе бидат? И камо среќа (ова го велам без каква било иронија) да ја дочекаат нашата сегашност, бидејќи иднина (во никулец!) веќе е содржана во сегашноста. Толку ли не сфаќаат дека говорот за нас е само одложен говор за нив?
П.С. Она што ќе го видите на приложените фотографии (ги направив пред некоја година пред и во Поштенскиот дом на Водно) е дело на старите, возрасните, пензинерите или на некои (потенцирам, н е к о и!) аздисани млади? Значи, нагласувам уште еднаш, на некои, а на младите во целина!
ОД ЦУЦУЛОВСКИ ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ И:
Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.