Чавушоглу: Набавката на ракетен систем од Русија е договорена работа

По разговорите со неговиот руски колега, Сергеј Лавров во Анталија турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу денес рече дека Турција ќе го почитува договорот со Русија за воздушна одбрана и покрај предупредувањето од Вашингтон.
– Се согласивме со Русија и на крајот потпишавме договор. Овој договор е валиден, сега разговараме кога ќе биде испораката, изјави Чавушоглу.
Тој, исто така, потврди дека Анкара не планира да го продаде ракетниот систем С-400 на други страни.
Вчера четворица американски сенатори, и републиканци и демократи, предложија донесување закон со кој се забранува испорака на американски борбени авиони од типот Ф-35 на Турција додека американските власти не потврдат дека Анкара нема да го преземе системот С-400. Чавушоглу рече дека Турција добива контрадикторни изјави од САД, додавајќи дека Анкара ги исполнила сите обврски поврзани со Ф-35.
Чавушоглу дополни дека Анкара се противи на неодамнешниот потег на САД за признавање на израелскиот суверенитет над Голанската висорамнина.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.