Отежнато дишење, болки во градите, потење и забрзано чукање на срцето се само некои од симптомите на напад на паника.
Овој напад може да се случи ненадејно и често спречува каква било реакција, бидејќи личноста се чувствува како да е парализирана.
Многу луѓе кои имаат напади на паника велат дека се чувствуваат како да умираат или да добиваат срцев удар, додека други го опишуваат нападот на паника како чувство како да ја изгубиле контролата врз своето тело, пишува Newsbeast, пренесувајќи начини кои можат да бидат корисни во кризни ситуации.
1.Техника 4:6
За оние кои барем еднаш во животот имале напад на паника, пораката „земи длабок здив“ можеби звучи несериозно. Според д-р Јан Стенли, психолог од Универзитетот во Колорадо, оваа техника всушност функционира, но на специфичен начин.
Тој препорачува да го истуркате воздухот од белите дробови неколку секунди подолго отколку што е потребно за вдишување. Обидете се да го задржите вдишувањето четири секунди, а издишувањето шест секунди.
2.„Виножито“
Д-р Каролин Рубенштајн, психолог од Флорида, им препорачува на луѓето кои имаат напади на паника да ги фокусираат своите сетила на нешто околу нив што може да го окупира и нивниот вид и нивните мисли.
–Помислете на виножитото. Или побарајте три црвени работи во собата во која се наоѓате, а потоа три жолти, сини и зелени работи. Ова се многу ефикасни методи, бидејќи ќе ви го одвлечат вниманието – нагласува психологот Рубенштајн.
Други „корисни одвлекувања“ може да бидат слушање музика или излегување на свеж воздух.
3.Грижете се за вашето држење
Д-р Карен Лин Касидеј, директор на Центарот за третман на анксиозност во Чикаго, изјави за DailyMail дека луѓето кои се склони кон напади на паника треба да се грижат за своето држење и да стојат исправено.
Променетото дишење и лошото држење може да ги влошат симптомите на анксиозност.
– Стоењето или седењето во поза што ја отсликува вашата самодоверба има психолошки поттик, бидејќи го подобрува расположението и нивото на енергија, а во исто време го намалува стресот и анксиозноста – објасни д-р Касидеј.
4.Идентификувајте го нападот
За многу луѓе, едноставно идентификувањето на напад на паника може да биде смирувачко. Исто така, неопходно е да се промени аголот на гледање на напад на паника и да се набљудува без реакција.
– Тоа е ментален трик што го користиме, а кој некако носи логика и контрола над емоциите – откри д-р Рубенштајн.