Човекот кој гласаше за промена на името оди во коалиција со Христијан Мицкоски

Партијата на пензионери официјално соопшти дека излегува од досегашната коалиција со СДСМ и дека на наредните локални избори ќе настапи во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на партијата, Илија Николовски, изјави дека одлуката е донесена врз основа на волјата на членството, при што околу 90% од членовите се изјасниле дека сакаат коалиција со актуелната власт.

„Ние како Партија на пензионери досега бевме дел од коалицијата со СДСМ. Водевме дискусија во извршниот и централниот одбор. Од 100 присутни членови, само неколкумина предложија да настапиме самостојно, ниту еден не беше за останување со СДСМ, а дури 90% се изјаснија за коалиција со актуелната власт. Желбата на членството е јасна, да одиме со власта“, изјави Николовски.

Партијата на пензионери ќе учествува на локалните избори со свои листи за советници во неколку општини, а во Карбинци ќе настапат и со кандидат за градоначалник.

„Имаме кандидати и ќе предложиме советник во Штип, во Карбинци ќе имаме и кандидат за градоначалник, а ќе настапиме и во Делчево и Пехчево“, додаде Николовски.

Покрај настапот на локалните избори, партијата најави дека ќе бара и учество во извршната власт на државно ниво – конкретно, министерски и директорски позиции.

Николовски истакна дека очекуваат зголемена вклученост на членството и подобра застапеност на интересите на пензионерите преку зголемен број на советнички места во општините.

Инаку Николовски лично како пратеник во Собранието гласаше за промна на името на државата.

Пронајдете не на следниве мрежи: