Шакира, Мадона, Џастин Бибер и Би-Ти-Ес приредија шоу на полувремето од финалето

Финалето на Светското првенство 2026 меѓу Аргентина и Шпанија не донесе возбуда само на теренот. На полувремето од натпреварот на стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси беше одржано првото големо музичко шоу во историјата на едно мундијалско финале.

Настапот започна во 22:03 часот со Мадона, придружувана од светлосни ефекти во виолетови нијанси. Во нејзиниот дел се појавија и фудбалските легенди Роналдињо и Роналдо, кои на теренот влегоа со картинг.

Потоа, диригентот Густаво Дудамел и музичари од Њујоршката филхармонија, заедно со ликови од „Мапет шоу“, ја изведоа познатата песна „Seven Nation Army“.

Јужнокорејската група Би-Ти-Ес, еден од најголемите светски феномени на К-поп сцената, ја изведе песната „Dynamite“ во центарот на стадионот.

Актерот Џејсон Судејкис, познат по главната улога во фудбалската серија „Тед Ласо“, потоа го најави Џастин Бибер, кој ја испеа песната „Everything Hallelujah“.

Како и на свеченото отворање на турнирот, Шакира настапи заедно со Бурна Бој и ја изведе „Dai Dai“, официјалната песна на Светското првенство 2026.

Завршницата им припадна на „Колдплеј“, кои настапија заедно со жабецот Кермит, Мис Пиги и детскиот хор ПС22.

Целото шоу траеше 17 минути. Единаесет минути беа наменети за музичките настапи, а останатите шест за поставување и отстранување на сцената од теренот.

Под мотото „Најголемата сцена во светот, за уште поголема цел“, организаторите се обидоа преку музиката, спортот и забавата да испратат порака за светско културно обединување.

Настанот имаше и хуманитарен карактер и беше организиран во поддршка на Образовниот фонд на ФИФА и „Глобал ситизен“, чија цел е да се прошири пристапот до квалитетно образование и фудбалски можности за децата низ светот.

Со воведувањето на шоу на полувремето, ФИФА го следеше моделот на големите американски спортски настани, пред сè на Супербоулот, обединувајќи ги фудбалот, музиката и забавната индустрија пред милионска публика.

Пронајдете не на следниве мрежи: