Шкупи казнет со 42.000 евра, клубот одговорноста ја впери кон дел од навивачите

Македонскиот претставник во Конференциската лига „Шкупи“ објави денеска дека е казнет од УЕФА со 42.000 евра поради навивачките инциденти поврзани со минатонеделниот натпревар во Скопје против бугарски „Левски“, лоцирајќи ја притоа вината кон дел од своите приврзаници.

Потсетувајќи во опширно соопштение објавено на нивниот официјален сајт дека ова не е прв пат клубот да плаќа високи парични казни, Шкупи најави решителна борба против сите кои се претставуваат како „поддржувачи на клубот, а всушност се негови непријатели“.

– За клубот Шкупи досега се боревме, а отсега ќе водиме уште поголема борба. Сигурни сме дека со нас ќе бидат разумните навивачи на Шкупи, кои вистински го сакаат овој клуб. Ги молиме нашите надлежни институции да ги истражат овие настани. Од утре ќе поднесеме кривична пријава до Обвинителството и до полицијата, да ги испитаме овие прашања, бидејќи тоа не е ништо друго освен предавство, велат од Шкупи.
Објавата доаѓа непосредно пред вечерашниот реванш натпревар против Левски во Софија во рамки на второто квалификациско коло во Конференциската лига.

На првиот натпревар во Скопје на кој Левски триумфираше со 2-0 допатуваа околу 900 бугарски навивачи кои поради инциденти на трибините на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, исто така, му донесоа казна на својот клуб од УЕФА во износ од 40.000 евра.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.