Без снег нема зимски спортови. Но, поради недостиг на вода, трпат и бродарството и земјоделството, а загрозено е и снабдувањето со електрична енергија. Снегот ги штити планините и е корисен против климатските промени.
Во Германија, Франција, Австрија или Чешка – во многу ски центри во Европа нема што да се види од зимската магија оваа сезона. Само бели патеки направени од вештачки снег во зелено-кафени предели. На многу места е претопло и наместо снег врне дожд. А, тоа е проблем со големи последици.
Помалку снег во зима значи помалку вода во лето
„Снегот игра важна улога во водниот циклус. Имено, тој ја задржува водата одреден временски период. Водата во снегот не истекува директно, туку само во лето или пролет“, потсетува Даниел Фариноти, професор по глациологија на Швајцарскиот универзитет за технологија (ETH) во Цирих и Швајцарскиот истражувачки институт за шуми, снег и животна средина (WSL).
Само кога снегот се одмрзнува, стопената вода оди во езерата и реките и во подземните води. Без заштитната функција на снегот, таа вода ќе биде дефицитарна подоцна во текот на годината. Реките кои вообичаено надоаѓаат од топењето на снегот, може да имаат пониско ниво.
Недостигот на снег влијае на транспортот и снабдувањето со електрична енергија
Една од нив е Рајна. За таа река, водата од стопен снег е клучна како резерва во месеците со помалку врнежи во лето и есен. Но, „топењето на глечерите и помалку снег би можело да го влоши нивото на водата на Рајна во иднина, од Базел до Северното Море“, се вели во студијата на Меѓународната комисија за Рајна хидрологија (КХР), здружение на научни организации од земјите низ кои тече реката. Се предвидува дека во иднина ќе врне повеќе дожд во зима. Сепак, дождот најверојатно нема да може да го надомести дефицитот на вода од стопен снег.
Зголемените ефекти од ниското ниво на вода во лето се значајни и ги погодуваат сите што користат вода долж Рајна – товарниот сообраќај на Рајна до крајот на векот може да биде отежнат во просек повеќе од два месеци годишно. Електраните би можеле да произведуваат помалку електрична енергија, а снабдувачите со вода за пиење, како и земјоделството, би морале да се подготват за сè почест недостиг. Бидејќи, во топли и суви лета, растенијата имаат голема потреба од вода.
Базени за прилагодување на недостатокот на снег
За да има доволно вода, која ќе станува сè поретка поради недостатокот на топење на снег во пролет и лето, ќе бидат потребни дополнителни вештачки акумулации за зимските врнежи, вели Марк Цебиш, климатолог во интердисциплинарниот истражувачки центар Eurac Research со седиште во Јужен Тирол. . Сепак, станува збор за интервенција во природата и просторот за вакви базени е ограничен, особено на планините.
Затоа пред се важи следново: „Доколку се зголеми ризикот од суша, мора да штедиме вода каде што можеме“. Сè уште се губи многу вода во земјоделството, особено јужно од Алпите, на пример поради истекување на цевките и затоа што сè уште често се користат прскалки, што значи дека многу вода испарува“.
Роберт Штајгер, географ и туристички истражувач на Институтот за финансии на Универзитетот во Инсбрук, нагласува дека мора да се размислува и за тоа што ќе може да се одгледува во иднина. „Во долината на италијанската река По, на пример, тие размислуваат за одгледување значително помалку ориз, бидејќи тоа бара многу големи количини на вода“, вели Штајгер, кој е вклучен во еколошката организација Protect our Vinters (POV).
Во По, Италија минатото лето речиси и да немаше вода. Покрај екстремно топлиот сушен период, претходната зима со многу малку снег и дожд доведе до драматично ниско ниво на водата во многу европски реки.
Како недостигот на снег им штети на планините
Недостигот на снег има многу последици и во самите планински региони. Според Штајгер, ако паѓаат обилни дождови место снег во зима, постои ризик од лизгање на земјиштето – особено кога топењето на снегот и обилните дождови се комбинираат.
Недостигот на снег има големо влијание и врз локалните екосистеми, објаснува Даниел Фариноти од Цирих. „Без снег, екосистемите кои се навикнати на снег ќе имаат поинаков состав, бидејќи тогаш ќе мигрираат други видови“.
Бидејќи водата од топењето на снегот побавно навлегува во земјата, таа подобро се апсорбира од дождовницата што накратко паѓа и тече по падините. Со други зборови: снежната вода ја одржува влажноста на почвата во планините подолго од дождовницата, што, меѓу другото, е и предност за растот на растенијата во пролет.
Без снег помалку сончева рефлексија
Белиот снег ја рефлектира и сончевата светлина. Без него, почвата се загрева побрзо и станува сува. На суво, дождот исто така тече побрзо место да навлезе во земјата. Сувата почва исто така може да го зголеми ризикот од пожар, вели Даниел Фариноти. А сушата исто така ги поттикнува штетниците. Во Јужен Тирол, Марк Себиш известува за зголемување на наездата од бубачки под кората
на дрвјата, кои дополнително ги уништуваат дрвјата ослабени од сушата.
Од глобална перспектива, поларните региони се особено важни – првенствено морскиот мраз, но и големите тундри завеани во снег, на пример во северна Скандинавија или Сибир.
Новиот снег е важен и за светските глечери. Само ако се покриени со снег во лето, може да формираат мраз под него. „Ако нема снег, глечерот е веќе изгубен“.
Вештачкиот снег или пластичните фолии не можат да го заменат снегот
Речиси е невозможно да се замени или складира снег. Тоа е многу скапо и остварливо само на локално ниво – и само ако за тоа има економски интерес, на пример за зимски спортови, нагласува туристичкиот истражувач Штајгер. Производството на вештачки снег троши многу енергија и многу вода, а во многу региони, сите експерти се согласуваат, во иднината едноставно ќе биде премногу топло за вештачки снег.
Според Штајгер, складирањето снег со помош на бели пластични фолии, на пример на глечерите, е многу комплицирано. „Потребни се неколку недели за тие фолии да се стават и повторно да се извадат. Откриено е и дека микропластиката од фолии завршува во природната средина“.
Според Даниел Фариноти, има само едно нешто што може да помогне да се спречи светот да остане без снег, колку што е можно повеќе: „Ставете ги под контрола климатските промени. Ние всушност имаме најголемо влијание врз емисиите на јаглерод диоксид. Мислам дека е многу полесно од сите други технички мерки“.