Што ги нервира скопјани?

Скопје е метропола на Македонија, но колку навистина го заслужува тоа име? Животот во главниот град стана многу стресен, а несигурноста која ја чувствуваат граѓаните – огромна.  Загадениот воздух, глутници кучиња-скитници, стравот за гол живот,  сообраќајниот хаос, нехигиената и некултурата се само некои од проблемите со кои се соочуваат скопјани.
Ако ги прашате повозрасните со воздишка ќе ви раскажат:
– Ех, како се живееше некогаш… Многу помирно и поубаво. Не поминуваше ден без да го испиеш утринското кафе заедно со соседите. А, со кој друг, тие ти се тука-до тебе, поблиски од најродените. Поблиски и од брат и од сестра, и за добро и за не дај Боже. Ќе правиш зимница, ќе печеш ракија, ќе заколеш свинче или теленце, ништо без комшиите. Ако поправаш нешто дома ич муабет да не правиме. Денес, ако живееш во зграда и не знаеш со кого живееш, становите постојано се препродаваат или се издаваат. Не што нема ништо од комшилук, туку да ти е страв да живееш во градов. Не си безбеден ни дома, ни на улица. Дома ти е став да ја чуваш и мизерната пензија, на улица ќе те утепаат и за 100 денари. Во последно време од кучиња-скитници да ти е страв и до продавница или пазар да отидеш, да си купиш леб, јогурт, што било што треба за дома.
Младите со свои видувања и проблеми:
– За да стигнеш на работа или било каде ти треба автомобил, а паркинг-места или премалку, или прескапи. Ај, да речеш ќе одам со велосипед – ама велосипедски патеки речиси никаде. Автомобилите се друга приказна, ќе те турнат без око да им трепне. Како никогаш велосипедист да не виделе, преку граница да не отишле. Им се може, во огромните џипови се многу помоќни и побезбедни од тебе. Да тргнеш некаде со автобус, многу треба да ги чекаш, ќе задоцниш кај што си тргнал. А, и во автобус не знаеш што може да те снајде. Исто како и на улица, ќе ти извадат нож за мобилен, часовник или, ама баш, најнормална јакна. Не се безбедни ниту возачите на автобусите, и тоа без причина – ако застане во одбрана на патник или може и за забава. Млади луѓе, немаат пари за кафулиња, па така се забавуваат!?!  За некултурата и нехигиената и да не зборуваме. Смет и отпушоци на сите страни. Само пробај да опоменеш некого зошто фрла нешто на улица, па ќе видиш што ќе те снајде. Ако поминеш само со погрдни зборови-супер, зошто и ќотек може да те снајде.
А, се сеќавате на претходната зима и загаденоста? Не маска, ни бутур не те спасуваше. Уште деновиве, на почеток на есента со летни температури – загаденоста во градот, огромна. А, и каква да биде, половина држава се пресели во Скопје, висококатници се градат буквално на секој агол. Ветре нема од каде да пирне, и нормално дека ќе биде загадено и нама да се дише.
Ете така, ден за ден си врви живеачката во наше Скопје. Сите станавме премногу нервозни и уште понетолерантни. Не живци, ортоми да имаш – па ти нема помош. Од времето ли е, од ситуацијата ли, или ќе да е до нас самите, само еден Господ – знае.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.