Секој од нас понекогаш не може да одолее на вкусната брза храна, а малку се оние кои можат целосно да се откажат од кроасани, сендвичи или пица, без разлика колку се трудат да се хранат здраво.
Што се случува со нашето тело кога консумираме брза храна?
Сепак, по објавувањето на резултатите од едно неодамнешно истражување, веруваме дека секој од нас добро ќе размисли пред да се одлучи следниот пат за брза храна.
Имено, истражувачите се фокусирале на процесите кои се случуваат во нашето тело еден час по консумирањето на брза храна. Тие сметаат дека, пред сè, треба да бидеме свесни дека една порција брза храна има во просек 500 калории, што е околу 1/4 од калориите што му се потребни на нашето тело во текот на денот.
Во првите десет минути по оброкот, нивото на шеќер во крвта во нашето тело расте, поради што мозокот почнува да ги лачи таканаречените хормони на среќата кои создаваат чувство на задоволство. Ова чувство подоцна придонесува за развој на компулсивно јадење, поточно консумирање храна дури и кога не сме гладни.
По 30 минути се појавува силна жед, бидејќи просечната порција брза храна содржи околу 970 милиграми натриум. Таквата количина на натриум создава тешкотии во работата на бубрезите, кои за да го исфрлат вишокот на внесена сол, почнуваат да ја апсорбираат водата од околните ткива. За да се одвива овој процес, срцето почнува да работи побрзо, што со текот на времето може да предизвика зголемување на крвниот притисок, но и посериозни срцеви заболувања.
По 40 минути шеќерот во крвта почнува нагло да опаѓа и расположението се влошува, а чувството на глад повторно се појавува, иако на телото му требаат 24 до 72 часа за да го свари оброкот. Ова е главната причина зошто прекумерното консумирање брза храна е најчеста причина за вишокот килограми кај повеќето луѓе.
Секако, кога од време на време јадете брза храна, тоа нема да остави последици по вашиот изглед и здравје, но треба да бидете внимателни и да не дозволите тоа да ви премине во навика.