Град Скопје денеска организираше бесплатен разглед на Матка и Врело, можност нашите сограѓани да се оддалечат од секојдневието и да уживаат во едно од најубавите катчиња на нашиот град. Со организиран автобуски превоз и професионални туристички водичи од Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници, граѓаните имаа можност да ги запознаат овие места и да слушнат повеќе за нивните природни особености.
– Некои од најголемите природни богатства се токму тука, на дофат на секој скопјанец. Наша обврска е да ги чуваме, а моја желба е што повеќе граѓани лично да ја доживеат убавината со која Скопје се гордее. Инспирирани од историскиот подвиг на полскиот нуркач Бартломиеј Питала, кој достигна длабочина од 338 метри и го запиша Врело како најдлабоката подводна пештера во светот истражена од човек, сакаме ова наше природно богатство да го доближиме до што повеќе граѓани. Зашто посебно е чувството кога убавината за која слуша светот ја гледаш со свои очи и знаеш дека е дел од твојот град. Величествени карпи, мирна вода и глетки што оставаат без здив. На Матка, секој поглед потсетува колку природата била дарежлива кон Скопје. А Врело, со својата убавина и таинствени длабочини, нè потсетува колку многу сè уште има да откриваме и да чуваме за идните генерации – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека вакви бесплатни разгледи ќе се организираат почесто, за што повеќе наши сограѓани, од сите генерации, да ги запознаат убавините на Скопје и да создадат нови спомени.
– Преку овие посети ќе ја зајакнуваме и свеста за зачувување на природното наследство што им го оставаме на нашите деца. Скопје има богатства што заслужуваат да бидат видени, доживеани и сочувани. Да го запознаеме со восхит, да го чуваме со одговорност и да го сакаме со дела – рече Ѓорѓиевски.
Пронајдете не на следниве мрежи:



