Ново истражување покажа дека умереното консумирање јајца може значително да го подобри здравјето на срцето и да го намали нивото на холестерол во крвта.
Научниците велат дека конзумирањето до едно јајце на ден може да го зголеми количеството на важни метаболити кои го намалуваат ризикот од кардиоваскуларни болести, пишува Study Finds.
Иако јајцата се полни со есенцијални хранливи материи, научниците со децении дебатираа дали јајцата се добри или лоши за здравјето на срцето. На пример, во 2018 година, една студија во која беа вклучени околу 500.000 возрасни Кинези заклучи дека дневната потрошувачка на јајца (приближно едно дневно) резултира со помал ризик од срцеви заболувања и мозочен удар.
Имено, се чини дека бројните митови за јајцата дека го зголемуваат холестеролот и дека нивната консумација треба да се ограничи на неколку неделно се навистина само митови.
Новото истражување ги потврдува придобивките од секојдневното внесување јајца, особено наутро. Истражувањето беше предводено од тимот на д-р Ланг Пан кој коментираше за недостатокот на студии кои ги потврдуваат нутритивните придобивки од секојдневно консумирање јајца.
„До сега, како метаболизмот на холестеролот во плазмата влијае на односот помеѓу конзумирањето јајца и ризикот од кардиоваскуларни болести не е доволно истражено, па сакавме да ја пополниме таа празнина“, откри Пан.
Јајцата се поврзани со зголемување на добриот холестерол
Тим на истражувачи од Универзитетот во Пекинг ја спроведе гореспоменатата студија избирајќи примерок од 4.778 учесници, од кои 3.401 веќе страдале од срцеви заболувања во минатото.
Резултатите покажаа дека луѓето кои редовно јадат умерено количество јајца, особено наутро, имаат тенденција да имаат повеќе протеин во крвта наречена аполипопротеин А1. Научниците веруваат дека овој протеин е главниот градежен материјал на липопротеини со висока густина (HDL), или добри липопротеини.
Конкретно, постојаните консументи на јајца покажаа повеќе големи HDL молекули во крвта, кои помагаат да се отстрани холестеролот од крвните садови и да се спречи блокада. Запушените артерии значително го зголемуваат ризикот од срцев и мозочен удар, а луѓето кои јаделе помалку јајца имале пониски нивоа на корисни метаболити и повисоки нивоа на потенцијално штетни метаболити во крвта.