Истражувачите оваа недела објавија индекс на исхрана со цел да информираат за насоките за поздрава и еколошки одржливата храна. Индексот ја рангира храната според минутите кои ги добиваме или одземаме од очекуваниот живот, со консумирање на одредени намирници.
Наодите вклучуваат повеќе од 5000 намирници на менијата на Американците, а истите се класифицирани според здравственото оптоварување и влијанието на животната средина.
Пијалаците со многу шеќер, хот догот, хамбургерите и сендвичите за појадок се поврзани со повеќето изгубени минути здрав живот, додека овошјето, мешаниот зеленчук без скроб, готовите житарки и варените мешунки се поврзани со најголем дел од бенефитите.
Истражувачите откриле дека консумирањето на една порција од 85 грама пилешки крилца одзема 3,3 минути од животот поради натриумот и штетните транс-масни киселини, додека хот догот го скратува животот за 36 минути „воглавно поради штетните ефекти од преработеното месо“, напишале авторите на студијата.
Од друга страна, сендвичот со путер од кикирики се поврзува со 33-минутното зголемување на животниот век, а храната како кикирики, лосос и ориз е поврзана со продолжување на животниот век за 10 до 15 минути.
Истражувачите од Универзитетот во Мичиген ги објавиле наодите во списанието „Nature“.
Тие исто така ја класифицирале храната според нејзиното нутритивно и еколошко влијание.
Здравата и еколошки одржлива храна вклучувала ореви, овошје, зеленчук, мешунки, интегрални житарки и некои морски плодови, додека намирниците со слаба нутритивна вредност се поврзани со штетното влијание врз животната средина (говедско месо, преработено месо, свинско месо, сирење и одредени јадења од лосос).
Спротивно на тоа, повеќето млечни производи, месо од живина, храна на база на јајца и готвени житарици спаѓаат во средната зона.
„Ова сугерира дека нутритивно корисната храна не мора секогаш да има најмало влијание врз животната средина и обратно“, велат авторите на истражувањето.
Заклучно на тоа, истражувачите откриле дека замената на 10 отсто од дневниот внес на калории од говедско или преработено месо со овошје, зеленчук, јаткасти плодови, мешунки и одредени плодови би можело да има значајни здравствени бенефити.
Со тоа ја наведуваат и добивката од околу 48 минути живот по личност дневно.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.