Нема потреба од итна седница на Судскиот совет за да се расправа за основното правило во кривичната постапка, вели Сузана Јошевска Анастасовска, член на Судскиот совет откако денеска министерот за правда ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да одржат итни седници за случајот со определувањето на мерката куќен притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби.
– Судија НЕ СМЕЕ да изрече мерка притвор ако има предлог од обвинител за куќен притвор. Нема потреба од итна седница на Судски совет за да се расправа основно правило во кривична постапка, напиша Јошевска – Анастасовска на социјалните мрежи.
Министерот за правда Игор Филков го наречен скандал преиначувањето на мерката притвор во куќен притвор за Груби и ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да одржат итни седници и да се преиспита одлуката на Обвинителството.
Обвинителството ја правда одлуката со образложение дека имало сериозни индиции дека е загрозена безбедноста на осомничениот во затворот, но директорот на затворот Шутка во изјава за Слободен печат вели дека безбедноста во затворот е на прво место.
– Безбедноста овде е на прво место. Од мене не е побарано писмено да се произнесам за безбедноста на лицето Артан Груби. За МВР и АНБ не знам. За мене сето ова е произволно. Нека дојде кој сака и да каже кои параметри не ги задоволува затворот „Скопје“. Кои се тие безбедносни критериуми што ние не ги исполнуваме, вели Бобан Утковски за „Слободен печат“.
Пронајдете не на следниве мрежи:


