Љубители на мак, навалете: Рецепт за мирисен колач со афион, чоколадо и портокал

Нема да мора премногу да ги убедуваме љубителите на афион да го пробаат овој десерт. Семето од афион, портокалот и чоколадото совршено се комбинираат во овој едноставен колач за кој не е потребно многу време да се подготви.
Состојки:
– 4 големи јајца
– 225 грама шеќер
– 200 грама брашно
– 225 грама путер на собна температура
– 4 лажици семе од афион
– 2 лажички прашок за пециво
– 1 лажичка екстракт од портокал или рендана кора од 1 непрскан портокал
Состојки за глазура:
– 100 грама црно чоколадо
– 100 милилитри слатка павлака


Подготовка:
1. Во еден сад измешајте ги брашното, афионот и прашокот за пециво. Во друг ставете ги шеќерот, путерот и екстрактот од портокал или ренданата кора. Мешајте со голема брзина околу 5 минути додека не добиете глатка смеса. Потоа додавајте ги јајцата едно по едно и добро мешајте после секое за да се измеша целосно со остатокот од смесата.
2. На крај, додадете ја мешавината од брашно, афион и прашок за пециво и рачно измешајте со шпатула. Ставете ја смесата во калап што претходно сте го намастиле со путер и посипале со брашно. Печете го колачот во рерна загреана на 180 степени Целзиусови помеѓу 30 и 40 минути, во зависност од јачината на рерната.
3. Кога колачот е готов, извадете го од рерната и оставете да се олади, за тоа време подгответе ја глазурата. Искршете го чоколадото на коцки и прелијте го со врелата слатка павлака што сте ја свариле. Оставете една минута или две да се стопи чоколадото, а потоа промешајте со лажица додека кремот и чоколадото не се соединат во мазна смеса. Истурете врз колачот и оставете да се излади.
Добар апетит!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.