Ќе добие ли “Apple” казна поради полначот за Ајфон?

Европската секретарка за натпреварување на пазарот, Маргарет Вестагер веќе во неколку наврати нагласи дека не ја плашат големите светски компании и дека не ѝ претставува проблем да влезе во директен конфликт со нив, со цел да ги заштити правата на европските потрошувачи.
Откако неодамна одреди рекордна казна за “Google” поради оперативниот систем “Android” и начинот на кој што го нудат на производителите на паметни телефони, сега таа своето внимание го насочува кон уште еден гигант – “Apple”.


Имено, уште во 2009-та година, американската компанија заедно со низа на други производители на паметни телефони, потпиша доброволно согласување дека до 2011-та година ќе воведе универзален приклучок за полнење на телефоните. Постарите ќе се сетат дека со секој мобилен телефон доаѓаше и полнач кој што функционираше само со тој модел на телефон – тоа значеше дека потрошувачите мора да ги полнат своите телефони само со точно одреден полнач.
Големите производители чии што уреди работат на “Android”, како што се “Samsung”, “Huawei” и “Nokia”, ги прилагодија своите телефони и нивните корисници можат да ги полнат телефоните со полнач кој што има “USB-C” или “Micro USB” влез. Но, од “Apple” не тргнаа во таа насока.
“Lightning” влезот на “Apple” е уникатен и не дозволува полнење на телефонот со друг кабел. Тоа за корисниците значи дека доколку имаат Ајфон, ќе мора да купат полнач со кој ќе биде компатибилен само со Ајфонот.


Таквиот однос кон купувачите не ѝ се допаѓа на Вестагер и таа најави дека детално ќе истражи што направиле потписниците во врска со „хармонизирањето“ на полначите, најави отворање на студија која ќе процени што се направило и што треба да се направи.
Со оглед на тоа што од “Apple” потпишале договор, но не сториле ништо во врска со тоа, тоа би можело да значи и отворање на истрага и казна поради оневозможувањето на европските корисници слободно да ја бираат опремата која што ќе ја користат со својот паметен телефон.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.