Ќе донесе ли ЕУ нова бура на македонската политичка сцена?

Германската канцеларка Ангела Меркел се изјаснила негативно по желбата на Европската комисија за брзо давање датум за преговори на Северна Македонија за приклучување во Унијата, пишува весникот “Зиддојче цајтунг“, пренесува “Дојче Веле“.
Повикувајќи се на свои неименувани извори, германскиот весник „Зиддојче цајтунг“ денеска пишува дека на седница на Комисијата за европска политика на Бундестагот, германската канцеларка Ангела Меркел ставила јасно до знаење дека одлука за датумот за преговори на Северна Македонија за приклучување во Европската унија е можно да се донесе “најрано во октомври“.
– Со тоа, канцеларката застана јасно наспроти својот коалициски партнер – СПД, која се залага за гласање (за датумот, н.з.) во Европскиот совет веќе на 18 јуни. Државниот министер (во германското МНР, н.з.) Михаел Рот од СПД во Комисијата за европска политика во вторникот категорично се залагал за почеток на преговори за приклучување, но не наишол на ‘отворни уши’ кај ЦДУ и ЦСУ. Македонија постигна согласност со Грција за промена на името, меѓу другото и за да го отвори патот за преговори за приклучување во ЕУ, напиша денес “Зиддојче цајтунг“.
Евроинтеграцијата на Македонија вчера предизвика жестока полемика и на пленарната седница на Бундестагот, која всушност беше посветена на ратификацијата на протоколот за членство на РСМ во НАТО. Пратениците со мнозинство гласови се изјаснија за прием на РСМ во Алијансата, но во дебатата се препукуваа околу датумот за преговори за приклучување во ЕУ.
– Мојот сомнеж е дека Канцлерамтот (канцеларијата на Меркел) и ЦДУ сакаат да ја одложуваат дебатата на оваа тема сѐ додека Нова Демократија не дојде на власт во Грција за да ја блокира Северна Македонија во ЕУ, рече пратеникот на опозициските Зелени, Јирген Тритин, потсетувајќи дека Европската комисија донела јасна препорака за почеток на преговорите. Критикувајќи ја таквата политика, Тритин праша дали некој сака Северна Македонија да влезе само во НАТО, но не и во ЕУ, и дали нејзините граѓани треба да се третираат како “Европејци од втора класа”.
Ваквиот развој на настаните можно е да донесе нова бура на македонската политичка сцена, особено по вчерашните ставови на премиерот дека доколку земјава во јуни или јули не добие датум за преговори, можно е враќање на мандатот и организирање на предвремени парламентарни избори.
– Штом ќе ги знаеме конкретните информации, пример ако имаме извесност дека ова лето, јуни или јули, тоа нашата желба да го добиеме датумот за преговорите, продолжуваме со реконструкцијата. Доколку има одложување се можни сите варијанти како што е и враќање на мандат, отворање на внатрешна дебата, заземање на чекорите, еден од тие чекори е предвремени избори, другиот чекор е комплетно нова Влада, третиот чекор е преземање на одговорности за неуспешното добивање на датумот за преговорите после се што направивме, иако вината не ја гледам овде. – рече вчера премиерот Заев

 

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.