Советот на Општина Крива Паланка попладнево одржа вонредна седница за елементарната непогода – поплавите кои завчера ги погодија скопскиот и тетовскиот регион.На седницата беше донесена одлука за прогласување на 9 август – ден на жалост во општина Крива Паланка по повод трагичната смрт на Велиновска Марина (39) и нејзиниот малолетен син, шестгодишниот Јован, кои во сабота вечерта, на 6 август, трагично ги загубија животите во поплавите предизвикани од силното невреме кое го зафати Скопје.
Градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, рече дека иако невремето не ја зафати општината, сепак Крива Паланка, за жал, загуби два човечки живота.
– Материјалната штета, во колкав и да е размер, ќе се надомести, но чевечките животи кои се изгубени се ненадоместливи. Искрено жалење и сочувство до семејствата на сите настрадани од поплавите, сочувство од мое име и од име на сите граѓани на Крива Паланка и до семејството Велиновски. Ние ќе доделиме еднократна помош од 200 илијади денари за фамилијата на нашите сограѓани, со апел сите хумани граѓани да помогнат во рамки на своите можности и да се вклучат во акциите за донирање на сите настрадани, за санирање на штетите од невремето, рече Алексовски во обраќањето.
Починатата Марина Велиновска беше мајка на две деца. Во моментот на страшното невреме целото семејство се враќало од годишен одмор. Таткото, кој е професионален пожарникар, и постариот син, по неколкучасовна борба со водената стихија успеале да ја избегнат кобната судбина.
На денот на жалост знамињата во општина Крива Паланка ќе бидат истакнати на половина копје. Сите културни и спортски манифестации закажани на територијата на општината ќе бидат одложени и угостителските објекти ќе емитуваат сериозна музика.
Исто така, советниците донесоа одлука и за доделување еднократна финансиска помош во висина од 300.000 денари за санирање на последиците од поплавите во Скопје и Тетово од 6 август 2016 година.
Инаку, во општинската организација на Црвен крст Крива Паланка денеска и утре е отворен пункт за собирање помош за настраданите во поплавите. Вчера собирна акција одржаа во ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Крива Паланка, а од Општинската организација на СДСМ Крива Паланка информираа дека собирен пункт е отворен од утринава до вечерва, 21 часот, а како што истакнаа, сите хумани граѓани можат да донираат неопходни материјални средства за настраданите, како и парична помош за семејството Велиновски од Крива Паланка.На седницата беше донесена одлука за прогласување на 9 август – ден на жалост во општина Крива Паланка по повод трагичната смрт на Велиновска