10 години забранет влез во Црна Гора за Владо Георгиев

Министерството за внатрешни работи на Црна Гора ја усвоило жалбата на Адвокатската канцеларија на Томановиќ, која го застапува пејачот Владо Георгиев и го поништило Решението за забрана за влез во Црна Гора, но Управата на полицијата од Херцег Нови повторно му забранила влез на Георгиев и тоа на период од 10 години.
Ова го соопштила адвокатската канцеларија, наведувајќи дека Управата на полицијата од Херцег Нови во повторената постапка ‘отишла чекор понатаму во кршење на меѓународните стандарди и уставно загарантираните права’ и не постапила според законските и уставните обврски, туку донела правно неодржливо, незаконско и противуставно решение иако Министерството за внатрешни работи ја уважило жалбата на канцеларијата на Томановиќ дека забраната за влез е правно неодржлива.


„Во меѓународата правна практика, формата на деградирачки третман на поединец секогаш постои кога државата постапува без легитимна цел, со непропорционално и наменско обесправување на поединецот, бидејќи и на странецот при влегување во земјата му припаѓаат права гарантирани со бројни меѓународни правни документи“, се наведува во соопштението.
За оваа ситуација се огласи и Владо Георгиев на Твитер.
„Поради смртта на патријархот, денеска нема да пишувам на тема продолжување на забраната за мој влез во Црна Гора до 2030-та година“, напишал пејачот.
Да потсетиме, кон крајот на август оваа година, на Георгиев на границата со Црна Гора му било врачено решение за забрана за влез во земјата. Како што беше наведено тогаш, причините се национална и внатрешна безбедност.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.