Многу луѓе веруваат дека сонот на секоја девојка е да го најде совршениот партнер, да се венчаат и да имаат долг и среќен живот. Но денес сè помалку и помалку жени се одлучуваат да стапат во брак. На пример во Европа, од 1965-та до 2015-та година бројот на бракови на 1.000 луѓе се намалил од 7,8% на 4,3%. Истиот пад е забележан и во другите краеви од светот и секоја година бројот на сингл жени расте. Во продолжение прочитајте ги приказните на 10 жени кои одбиле да стапат во брак и нивното објаснување за оваа одлука.
„Јас и партнерот живееме заедно веќе 15 години. Кога се запознавме јас имав 28, а тој 30 години. И на двајцата ова ни беше прва сериозна врска. Ниту еден од нас не сака да има деца, и двајцата сакаме кучиња, не сме религиозни, ги одбираме истите филмови и ја порачуваме истата храна. Кога некој ќе не праша зошто не сакаме да се венчаме, само велиме ‘Зошто?’ И двајцата сметаме дека ако сме официјално во брак, нема да бидеме посреќни и нема да ја однесеме врската на друго ниво. Сите овие години живеевме во изнајмен стан и неодамна купивме наше место. Тоа ни значи многу повеќе од сертификатот за брак.“ – Т., 44 години
„Јас сум од оние луѓе кои другите би ги нарекле жени што сакаат кариера, иако не се согласувам со ова. Не можам да речам дека имам голема позиција, но мојата работа ми одзема многу време, а тоа не ме спречува да љубам. Имам партнер којшто го гледам секој викенд и на двајцата ни одговара ова. Исто така сигурна сум дека семејството треба да има деца, но не мислам дека семејството е неопходен услов за да бидете среќни. Ако се венчам ќе треба да престанам да работам и да поминам неколку години од животот со семејството. Но не сум подготвена за ова бидејќи ќе треба да ѝ ставам крај на кариерата, а сега имам шанса да станам шеф на голем оддел. Што ако некогаш се венчам? Не знам. Ако не ми штети на кариерата, зошто не?“ – А., 30 години
„Мојата приказна е едноставна: Сакам да бидам слободна. Правам што сакам, одам каде што сакам и сакам да бидам пријател со луѓе со коишто сакам. Мајка ми ми вели дека ќе ми биде тешко кога ќе остарам, но татко ми ме поддржува. Ми вели дека луѓето треба да го живеат животот како што сакаат, сè додека не ги повредуваат другите. Кога станува збор за иднината, повеќе сакам да живеам за денес и да не мислам што ќе се случи утре, бидејќи во изминативе 10 години живеев во 5 градови и не сум сигурна дека за еден месец ќе бидам каде што сум сега. Фриленсер сум, па можам да го правам тоа. Можеби изгледам незрело, но сум среќна. Тоа е она што е најважно.“ – М., 31 година
„Бев во брак еднаш. Се венчав кога имав 20 години само затоа што сите мои пријателки го правеа тоа и мислев дека ако не се венчам тогаш, нема да се венчам никогаш. Имав добра врска и дури се сакавме, ретко се расправавме. Но, еден ден тој ми кажа дека сретнал друга жена на работа и се вљубил во неа. Се согласив на развод. Момчето со коешто живеам сега ме побара за жена само 2 месеци откако ја започнавме врската, но реков не и предложив да живееме заедно. Мислам дека на потсвесно ниво ми е страв дека мојот иден брак ќе заврши како и првиот. Заедно сме веќе 4 години.“
– Е., 28 години
„Речиси се венчав пред неколку години – имаше само 3 недели до свадбата. Тој ден требаше да си ја земам венчаницата, но кога се разбудив утрото, сфатив дека не сакам да се венчам. Оваа мисла ме исплаши и поминав 3 часа седејќи на креветот и размислувајќи за тоа дека не сакам да бидам нечија сопруга. Мајка ми ми се јави и ме разбуди. Ја замолив да го земе фустанот и да прави што било со него, но да не ми го покажува. Тогаш му се јавив на вереникот и му кажав сè и за неколку денови фатив воз за во друг град. Сè уште живеам во тој град – овде сум веќе 12 години. Не сум во брак, немам момче и пред 2 години посвоив 3-годишно момче. И двајцата сме среќни.“ – Н., 38 години
„Имам 61 година и никогаш не сум била во брак. Не, не мразам мажи, бев во врска, а имам и син. Ме имаат запросено 3 пати, но секогаш одбивав. Зошто? Бидејќи отсекогаш сум ја ценела мојата слобода и правото да живеам како што сакам. Кога бев млада бракот значеше станување дел од сопругот – имаше многу примери за вакви парови, вклучувајќи ги и моите родители. Имав мој стан и многу интересни хобија. Секогаш се чувствував независна. Син ми порасна и сега живее одделно и луѓето што ги знам често ме прашуваат дали ми е во ред да бидам сама кога сум стара. Но не чувствувам дека ми недостасува нешто – имам работа што ја сакам, хобија, пријатели и не мислам дека би била посреќна доколку живеев со маж.“ – О., 61 година
„Од 20 до 30 години сакав да се венчам, но не сретнав никој погоден за таа улога. Кога имав 30 години мојата кариера напредна, па немав време за ништо друго освен за работата. Сега имам 40 години, имам моја куќа и работа што ми носи многу пари. Не можам да замислам да го делам она за коешто работев напорно, па дури и да плаќам нечиј долг. За неколку години планирам да имам дете, а ако не можам, ќе посвојам.“ – С., 39 години
„Уште откако помнам не сакав да се венчам. Кога девојчињата на моја возраст си играа со кукли со колички и замислени сопрузи, јас ги читав книгите на брат ми за астрономија и речиси го запалив станот со хемиски експерименти. Завршив училиште, дипломирав и сè уште не сакам да се венчам. Планирам целиот живот да се занимавам со наука и се надевам дека ќе добијам Нобелова награда. Сериозно.“ – М., 27 години
„Не сакам да се венчам само затоа што не сакам да имам деца. Се разбира, можам да се обидам да најдам маж со истите верувања, но не е толку лесно. Знам жени кои исто така не сакаа деца и најдоа мажи кои велеа дека и тие не сакаат. Но некое време по венчавката, овие мажи почнаа да зборуваат за деца и понекогаш нивните сопруги попуштаа. Мојата одлука да немам деца не е импулсивна. И не сакам луѓето да ме убедуваат во спротивното. Ми изгледа дека многу модерни мажи се позаинтересирани за деца од жените.“ – Л., 32 години
„Мислам дека институцијата брак е од минатото. За мене бракот значи дека жените се секогаш на второ место. Не можам да замислам да бидам контролирана од некој и да не го живеам мојот живот. И покрај фактот дека сега живеам во општество каде што сите полови имаат еднакви права, гледам жени кои имаат помалку права во семејствата од нивните мажи. Моето момче и јас живееме одделно и секогаш плаќаме заедно кога одиме на кино или во ресторани. За мене нема ништо полошо од тоа да зависам од некого и секогаш се обидувам да го избегнам ова.“ – Д., 31 година