Грчките неонацисти претепаа пратеник

Loading...

 

 

Непознатата група, којашто се претставила како членови на грчката неонацистичка партија Златна зора, го претепала во неделата навечер пратеникот од парламентарната опозиција Димитрис Стратулис. Ова во понеделникот го соопшти партијата од чиишто редови доаѓа Стратулис, коалицијата на радикалната левица Сириза.

Стратулис изјави дека бил удиран во главата од четири до пет лица, кои му се заканувале дека ќе го убијат и му кажале дека и' припаѓаат на споменатата крајно десничарска партија. Нападот се случил за време на полувреме на фудбалски натпревар на Олимпискиот стадион во северниот дел на Атина.

На повиците за помош на пратеникот притрчале фудбалски навивачи, а напаѓачите избегале. На пратеникот му била укажана прва помош на трибините, но не се здобил со посериозни повреди. Сириза побара во понеделникот итно апсење на напаѓачите и истрага за нападот. „Толерантноста кон фашистичката организација Златна зора со математичка прецизност ќе доведе до загуба на човечки животи и уништување на демократијата”, се вели во соопштението на партијата, којашто со тесна разлика ги загуби повторените предвремените парламентарни избори што се одржаа во јуни годинава. Нападот врз пратеникот го осудија сите други парламентарни партии, освен неонацистичката Златна зора во чиешто соопштените, покрај навредите за левицата, кусо се соопштува дека партијата нема никаква поврзаност со нападот, пренесуваат грчките медиуми. Портпаролот на грчката влада Симос Кедикоглу изјави дека владата силно го осудува нападот врз пратеникот. „Секој напад и закана се неприфатливи во нашата демократска земја. За насилството нема место во нашата политичка култура”, рече Кедикоглу. И претходно припадниците на Златна зора беа обвинувани за бројни напади врз имигрантите и левичарски активисти, но ниту еден од случаите не дојде до судска разрешница. Партија, којашто користи нео-нацистички симболи и реторика, предизвика шок во грчкото општество и на последните избори првпат успеа да се го мине прагот и да влезе во грчкиот парламент.

Според истражување на јавното мнение кон крајот на ноември, Златна зора беше трета според рејтингот со 13,5 отсто доверба кај Грците, зад владејачката конзервативна Неа демократиа на премиерот Антонис Самарас која има 21,5 отсто, и водечката на оваа анкета Сириза со 26 проценти доверба кај избирачите.

Макфакс

loading...
Loading...