Адел уметница на годината на листата на Billboard

Британската музичарка Адел е прогласена за уметница на 2012 година според магазинот Billboard, а нејзиниот хит албум „21“ албум на годината според годишниот пресек на топ листите на овој американски неделник кој ги следи случувањата во музичката индустрија.

Дваесет ичетиригодишната Адел воедно е и првата добитничка на овие престиќни титули две години по ред. Воедно, прогласена е и за музичарка на годината, додека музичар на годината е хип-хоп ѕвездата Дрејк.
Британско-ирскиот бој-бенд One Direction ја заокружи успешната година на американскиот пазар освојувајќи ја титулата најдобри млади надежи, додека Maroon 5 се прогласени за музичка група на годината.
Адел претходно годинава триумфираше и на доделувањето на наградите Grammy, освојувајќи дури шест признанија. Нејзиниот втор албум „21“ дебитираше на местото број еден на сите музички листи откако беше објавен во март 2011 година, задржувајќи се на врвот цели 24 седмици, додека од листата на првите десет албуми испадна дури во септември 2012 година.
Трите најдобри композиции , според Billboard, годинава се „Somebody That I Used to Know“ на белгиско-австралискиот музичар Готи, „ Call Me Maybe“ на Канаѓанката Карли Ри Џеспен и „We Are Young“ на американскиот инди рок бенд Fun.
Годишниот пресек на Billboard на повеќе десетина различни музички категории, жанрови и формати, се базира на годишните листи на албуми и изведувачи, популарноста на социјалните мрежи, продажба на изданија, севкупниот успех на изведувачите, како и повеќе други критериуми.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: