Асанж го повика Обама да престане со „лов на вештерки“

 

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, се обрати на јавноста прв пат од март и тоа од терасата на амбасадата на Еквадор, при што ги повика САД да престанат со `ловот на вештерки` против Викиликс.

Повика на ослободување на новинари и `бунтовници` и на општа борба против репресијата, но не зборуваше за своите понатамошни потези.

Асанж е 61 ден во амбасадата нà Еквадор, земјата од која во четвртокот доби азил, а рече дека со храброста на насобраните пред амбасадата и лидерот на Еквадор спречена е рација на британската полиција.

„Сонцето осветли поинаков свет. Овде сум денеска, затоа што не можам да бидат таму меѓу вас. По заканата дека полицијата ќе влезе во оваа зграда, вие излеговте и го донесовте со себе целиот свет. Ја чув полицијата како во мракот влегува во зградата, но благодарение на вас, не влегоа, затоа што гледаше цел свет”, рече Асанж.

И покрај очекувањата тој не зборуваше како планира да ја напушти амбасадата која е опколена од сите страни со британски полицајци, новинарски екипи и симпатизери на Викиликс.

„Ако некој некогаш ви каже дека е бесмислено да се бранат вредностите за кои се залагаме, потсетете го на овие ноќи и денови пред амбасадата во Лондон”, рече Асанж.

Човекот на кој британските власти му се закануваат со апсење, рече дека треба да се искористи овој момент за `артикулирање на револуционерните идеи и вредности врз кои настанала САД”.

„Или тоа, или ќе попуштиме пред она што се случува денес, под репресијата поради која новинарите се плашат и мораат да молчат, поради која се шепоти во мракот”, рече Асанж.

Повика да биде пуштен и американскиот војник Бредли Менинг, кој според него е најполитичкот затвореник на денешницата, а се осврна и на ситуацијата со „Пуси Рајотс” и рече дека многумина работат против слободата на говорот и мислењето.

„Тие се обединети во репресијата, а ние мора да бидеме обединети против репресијата. Војната на САД против `бунтовниците` мора да престане, мора да им дојде крај на истрагите против новинарите, без разлика дали се од Викиликс или од NewYork Times. Го повикувам Барак Обама да престане со `лов на вештерки„, рече тој. 
Нагласи дека наскоро ќе биде одржан итен состанок на лидерите на јужноамериканските земји.

„Овој петок шефовите на дипломатии од Латинска Америка ќе се соберат во Вашингтон за да расправаат за оваа тема. Благодарам на Аргентина, Боливија, Бразил, Чиле, Колумбија, Ел Салвадор, Хондурас, Мексико, Никарагва, Перу, Венецуела и на сите кои ги бранат нашите права и правото на азил. Им благодарам на луѓето во САД, Британија и Шведска кои не се сложуваат со своите власти, а благодарам и на паметните глави на тие влади, кои се уште се борат за правда – наскоро ќе дојде вашето време”, рече Асанж.

Пo овие пораки, тој се повлече во амбасадата, а единствената информација за неговите потези стигна од неговиот адвокат Балтазар Гарсон неколку часа порано. Тој на насобраните им рече дека Асанж е благодарен на претседателот на Еквадор и на народот на таа земја.

„Господинот Асанж е и понатаму полн со борбен дух, но отсекогаш се борел за вистина и правда. Тој даде инструкции на правниот тим и наложи со сите правни средства да се заштитат неговите права, правата на Викиликс и сите оние кои неправедно се гонат. Нема да ги кажам деталите, но ќе ги испитаме сите можности”, рече Гарсон.

извор: https://www.makfax.com.mk

Пронајдете не на следниве мрежи: