Екипата на Минесота стави крај на серијата од 12 последовни победи во кои се наоѓаше Оклахома Сити Тандер, откако на домашен терен славеше со 99:93.
Предводници на Минесота во победата беа Никола Пековиќ и Кевин Лав, но натпреварот го реши Џеј Џеј Бареа, кој 14 од своите 18 поени постигна во последната четвртина, кога и се решаваше прашањето на победникот.
Лав мечот го заврши со 28 поени, 11 скокови и 7 асистенции, додека црногорскиот репрезентативец Пековиќ имаше учинок од 24 поени и 10 скокови. Одличен меч кај Минесота одигра и рускиот интернационалец Алексеј Швед (12 поени, 12 асистенции и 7 скокови).
Двоецот Кевин Дурент-Расел Вестбрук вообичаено беше најефикасен во редовите на Оклахома – Дурент имаше учинок од 33 поени, 7 скокови и 6 асистенции, додека Вестбрук натпреварот го заврши со 30 поени, 11 скокови, 9 асистенции, но и 8 загубени топки.
Оклахома по поразот во Минеаполис има скор од 21 победа и само 5 порази.
Силата на шампионот Мајами ја почувствува Далас на домашен терен кој загуби со 95:110, Мајами во еден момент од натпреварот имаше предност од дури 36 поени.
Поради таквиот развој на настаните првите ѕвезди на Мајами, Леброн Џејмс и Двеј Вејд последната четвртина ја преседеа на клупата. Џејмс мечот го заврши со 24 поени и 9 скокови, а Вејд имаше учинок од 19 поени и 6 асистенции.
Екипата на Портланд, во дуелот со Денвер ја забележа четвртата победа во низа. Николас Батум (22 поени, 6 скока, 3 асистенции) го предводеше тимот до победата на Денвер со 101:93. Покрај Батум кај Портланд се истакнаа уште Метјуз (20 поени), Хиксон (18 поени и 18 скокови) и Лилард (12 поени и 10 асистенции). Игудала, Лосон и Бруер со по 13 поени беа најефикасни кај Денвер.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: