Чавез и се заканува на Британија

„Доколку Британија одлучи да го наруши суверенитетот на Еквадор, нашиот одговор ќе биде многу радикален. Ние и' предлагаме на британската влада добро да размисли околу тоа, затоа што епохата кога империите го правеа она што тие го сакаат – е завршена”, ја цитира AFP изјавата на венецуелскиот претседател Уго Чавез дадена во понеделникот навечер во неговиот настап на националната телевизија.

Чавез, кој е долгогодишен сојузник на претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа, не прецизираше какво дејствие може да преземе Каракас, но рече дека неговата земја е подготвена за таков чекор.

Основачот на контроверзниот интернет ресурс WikiLeaks, 41-годишниот австралиски државјанин Џулијан Асанж веќе два месеца се крие од британската полиција во амбасадата на Еквадор во Лондон, а еквадорските власти минатата седмица му доделија политички азил.

Еквадор му додели политички азил на Асанж, во прв ред, за да му овозможи да ја избегне неговата екстрадиција од Велика Британија во Шведска, каде што тој е осомничен за сексуални злосторства, вклучувајќи и силување. Британскиот суд во јуни донесе пресуда со која се одобрува израчувањето на Асанж на шведските правосудни органи.

Претходно, британската влада го предупреди Еквадор дека може да го поништи дипломатскиот статус на амбасадата, бидејќи таа престанала да функционира исклучиво за целите на нејзината мисија. Министерството за надворешни работи подоцна соопшти дека Лондон не му гарантира на Асанж безбеден излез од државата, но и оти тоа не претпоставува насилно влегување на територијата на амбасадата на Еквадор.

извор: https://www.makfax.com.mk

Пронајдете не на следниве мрежи: