ЦЕРН: Произведена температура 100.000 пати поголема од онаа во внатрешноста на Сонцето

Физичарите од Институтот за нуклеарни истражувања(ЦЕРН) успеале да создадат температура дури 100.000 пати поголема од температурата во внатрешноста на Сонцето. Тоа е најголемата температура што човекот некогаш ја произвел.

Со судирање на јоните на олово научниците создале исклучително врела субатомска течност, позната како кварк-глуонска плазма, при температура од 5,5 билиони Целзиусови степени, што е најголема температура било кога забележана во некој експеримент.

Тоа е за 40 отсто поголема топлина во споредба со досегашниот Гинисов светски рекорд, поставен со судирање на јоните на златото во Релативистичкиот судирач на тешки јони во Њујорк.

Научниците се надеваат дека нивните истражувања ќе пружат увид во услови кои владееле во вселената непосредно по Големата експлозија. Тие веруваат дека во тоа време кварковите и глуоните(основни компоненти на материјата) не биле, како денеска, заробени во сложени честички, како што се протоните и неутроните, туку дека слободно се движеле во состојба на материјата позната како кварк глуонска плазма.

Со судирањето на јоните на оловото во ЦЕРН, тие во момент создале слични услови како во фазата на формирањето на вселената.

Резултатите до кои дошол тимот на ЦЕРН, работејќи на детекторот АЛИС, беа објавени во понеделник на конференција посветена на физиката на тешките јони во Вашингтон.

Портпаролот на проектот АЛИС призна дека мерењата не се прецизни, но дека се проценува оти температурата изнесува околу 5,4 билиони Целзиусови степени. Според неговите зборови, точните податоци ќе бидат познати за неколку недели.

извор: https://www.makfax.com.mk

Пронајдете не на следниве мрежи: