Европски ден на сеќавање на жртвите на тоталитарните режими

Денешниот ден се одбележува во повеќето земји особено во Европската унија, по препораката на Европскиот парламент со цел заедничко соочување со историјата, а со тоа и со цел за помирување и градење на обединета Европа, процес кој трае и не оди секогаш лесно. Денот на сеќавањето на жртвите на тоталитаризмите коишто го одбележаа XXвек, избран е поради неговата силна симболика, бидејќи на 23-ти август 1939 година тогашните нацистичка Германија и сталинистичкиот комунистички Советски сојуз го потпишаа фамозниот Договор Рибентроп-Молотов, јавен пакт за ненапаѓање, меѓутоа таен за поделбата на интересните сфери во источна Европа.

 

Откривањето, оценувањето, прифаќањето на одговорноста и барањето прошка за сите злосторства извршени од страна на тоталитарните режими е патот кон помирувањето и спречувањето на повторувањето на грешките од минатото. Исто така, претставува и пат за промоција на демократијата, почитувањето на човековите права и правната држава во деловите од светот каде овие вредности допрва треба да заживеат, изјави точно пред една година тогашниот претседател на Европскиот парламент, Јержи Бусек, по повод одбележувањето на Европскиот ден на сеќавањето на жртвите на тоталитарните режими.

Европскиот парламент во 2009 година изгласа резолуција за европската совест и тоталитаризмот и ги повика парламентите и владите на сите земји членки на Европската унија, државите кандидатки и земјите поврзани со ЕУ, да ја усвојат и да ја спроведуваат оваа резолуција.

Тоталитаризмите во ЕУ се минато, рече Бусек пред минатогодишното одбележување на овој ден, меѓутоа истовремено предупреди и на јакнењето и радикализирањето на екстремистичките сили паралелно со продлабочувањето на економската и финансиската криза. Начнат е истоврeмено и другиот столб на европските интеграции, односно слободата на движењето на луѓето, што исто така укажува на зголемување на нетрпеливоста.

За помирување меѓу земјите „потребно е да се согледа историјата со исти очи“, рече Бусек нагласувајќи дека „сите мора да тежнееме кон помирувањето, доколку сакаме да создадеме здрави односи“.

На резолуцијата на Европскиот парламент ѝ претходеше Прашката декларација за совеста на Европа и комунизмот, коишто на иницијатива на чешката влада на 3-ти јуни 2008 година ја потпишаа европски политичари, поранешни политички затвореници и историчари, меѓу нив и поранешниот дисидент, писател и првиот претседател на посткомунистичка Чешка, Вацлав Хавел, како и денешниот германски претседател Јоаким Гаук, кој потекнува од поранешната комунистичка Источна Германија.

Прашката декларација повикува на паневропско прифаќање на одговорноста за комунистичките злосторства и злосторствата против човечноста, на едукација на младите за злосторствата на комунизмот на ист начин како и за злосторствата на нацизмот и фашизмот.

Во посткомунситичките држави овој процес не оди лесно.

Така, здружението на словенечките партизани-ветерани минатата седмица повика на бојкот на државното одбележување, оценувајќи дека тоа во словенечките услови значи „историска ревизија“ и „прикривање на колаборацијата“ на словенечките домобрани со окупаторот во текот на Втората светска војна.

Првото официјално одбележување на Европскиот ден на сеќавањето на жртвите на тоталитаризмите во 2001 година и во Хрватска, најновата членка не ЕУ, мина со големо внимание на медиумите насочено кон полемиката околу изедначувањето на фашистичките и комунистичките злосторства. Сојузот на антифашстичките борци и антифашитите на Хрватска го обвини тогашниот министер за внатрешни работи за поттикнување омраза, бидејќи комуниsтичкиот југословенски лидер Јосип Броз Тито го нарече злосторник. Во полемиката се вклучи тогаш и хрватскиот Хелсиншки комитет кој им порача на медиумите дека единствената осуда на сите злосторства на тоталитарните системи е официјалниот став на ЕУ.

Нела Винкелман од Институтот за проучување на тоталитарните режими во чешката престолнина Прага, заговара формирање меѓународни судови коишто би ги осудиле злосторствата на авторитарните режими сторени во источна Европа.

„Правдата сѐ уште не е задоволена…, сталинизмот сѐ уште не е минато. Многу лица коишто биле дел од тоталитарните режими, сѐ уште вршат важни функции во општеството“, рече Винкелман минатата година по истиот повод.

За одбележувaњето на Денот на сеќавањето на жртвите на тоталитарните и авторитарните режими прiдонесе и резолуцијата 1481 на парламентарното собрание на Советот на Европа од 25-ти јануари 2006 година, со којашто оваа најстара паневропска организација ги осуди тешките кршења на човековите права од страна на коминистичките режими. Со неа беа повикани сите комунистички и посткомунистички партии во своите држави членки коишто тогаш тоа сѐ уште него сториле, повторно да ја оценат историјата на комунизмот и сопственото минато, како и јасно да се дистанцираат од злосторствата на тоталитарните комунистички режими и целосно да ги осудат.

(макфакс)

Пронајдете не на следниве мрежи: