Женските фетуси целно се уништуваат не само во Индија и во Кина, туку и на Балканот, во Албанија, Косово, Македонија и Црна Гора, а така настануваат вишок мажи, поради што општеството има бројни проблеми, предупредува „Зидојче Цајтунг“.
Во текстот `Високата технологија ги исполнува традиционалните желби`, во денешното издание на `Зидојче Цајтунг`, се наведува дека во Албанија сега на 100 новородени девојчиња се раѓаат 112 момчиња.
Иста ситуација има и во Индија, каде `џендерцид` и `фемицид` веќе со децении спаѓа во клучните социјални проблеми.
Весникот пишува, повикувајќи се на зборовите на париски стручњак Жилмо, дека само во азиските земји `недостасуваат` 117 милиони жени, а ширум светот повеќе од 160 милиони.
„Парадоксално, но медицинскиот напредок води до тоа родителите да можат да ја исполнат традиционалната желба да добијат син, и со тоа девојчињата да бидат дискриминирани“, пишува „Зидојче цајтунг“.
Се прекинува бременоста кога се дознава дека фетусот е женски, под влијание на мажот и неговото семејство, но има случаи и кога се убиваат женски бебиња.
Ситуацијата не е многу подобра ни во неколку балкански земји.
Како што наведува Кристоф Жилмо, од Институтот за развој при Универзитетот Париз – Дакар, во Косово на 100 родени девојчиња доаѓаат 110 машки, во Црна Гора 109, а во Македонија 106.
Просечниот однос на полови кај новороденчињата во светот е 100 спрема 105 во полза на момчињата.
Овој вишок на момчиња подоцна се неутрализира поради поголемата смртност кај машките бебиња.
Меѓутоа, кога бројот на машки деца е несразмерно поголем од бројот на девојчиња, демографската структура драстично се пореметува.
На Балканот, според Жилмо, `вишокот` момчиња е впечатлив пред сè во албанските средини.
„Желбата на родителите неизоставно да добијат машки наследници, е специфичност во албанскиот културен круг“, вели стручњакот и додаде дека оваа желба не е типична само за муслиманите, туку и за православните и католиците во таа земја.
„Колку и да е болно сознанието, абортуси на женски фетуси таму се културолошки феномен кој има корени во архаичното поимање на семејството“, вели парижанецот.
Тоа е затоа што момчињата го задржуваат семејното име, од кое девојчињата најчесто се откажуваат при мажење, а и момчињата традиционално треба да се грижат за старите родители.
За да се спречи на свет да дојдат девојчиња, многу се распространети илегалните абортуси, во поодмината бременост.
Половата несразмерност доведува до тоа мажите повеќе да не се во состојба да најдат партнерка и да се оженат, а недостатокот од жени води и до пораст на насилството кон жените.
Покрај тоа се зголемуваат и принудните бракови договорени уште во детството, како и бројот на самоубиства кај жените кои не можат да го издржат притисокот да мора да родат машко дете.
„Зидојче цајтунг“ смета дека со овој проблем треба да се позанимава и Европската унија со оглед на тоа дека Европската комисија во октомври препорача почеток на преговори за членство со Тирана, Македонија е кандидат, а Црна Гора веќе почна да води преговори.