Италијанската централна банката ги блокираше во новата година сите електронски плаќања во Ватикан, вклучувајќи ги исплатите од дебитните и кредитните картички, соопшти во четвртокот Дирекцијата за економски служби на Светата столица.
Така, на пример, не е возможно да се нарачаат и да се плаќаат преку интернет влезници за светски познатите Ватикански музеи коишто годишно ги посетуваат повеќе од пет милиони посетители од целиот свет.
Официјалното објаснување од страна на италијанската централна банка е дека Ватикан, како суверена држава, може да има кој било електронски платежен систем, но нивното функционирање не може да се обезбеди преку италијанските кредитни институции. Засега банка-провајдер за електронското плаќање на територијата на Ватикан е „Deutsche Bank Italia“ којашто целосно е под надлежност на Италија во финансиската сфера. Сепак, банката обезбедува електронски услуги во Ватикан, кој не е дел од Европската унија, без издадена соодветна дозвола од централната банка. Со тоа биле нарушени важечките прописи во Италија и во ЕУ за борба против перењето пари.
Сега плаќањата во Ватикан може да се вршат само во готови пари и банкарски чекови, како и банкарски картички на ватиканската банка „Институт за религиозни дела“ (Ior), чии услуги се достапни само на мал број поданици на градот-држава.
Италијанската централна банка не соопшти на колкав период се суспендирани сите електронски плаќања во Ватикан. Раководителот на службата на Светата столица за односи со јавноста, монсињор Федерико Ломбарди, изјави дека надлежните служби на Ватикан во моментов се ангажирани во преговори со различни даватели на услуги во електронското банкарство, и изрази надеж дека наскоро овие системи повторно ќе профункционираат. На главната страница на официјалниот сајт на Ватикански музеи е поставено известување дека „поради околности што се надвор од надлежностите на дирекцијата“ од 1-ви јануари 2013 година влезниците веќе не може да се купат со електронско плаќање.
И претходно Ватикан и Италија имаа проблем со примената на прописите за спречување на перењето пари. Така, во септември 2010 година, Римското обвинителство наложи заплена на пренос за Ватикан на сума од 23 милиони евра, кои беа положени на една од сметките на италијанската банка „Credito Artigiano“, и иницираше во врска со тоа случај против претседателот на Ior, Еторе Готи Тедески, кој минатата година беше принуден да поднесе оставка.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: