Во Индија 600 гитаристи ја свиреа ‘Imagine’ во чест на брутално убиената студентка

Група од 600 индиски гитаристи и’ оддадоа своевидна музичка почест на студентката којашто почина како последица од бруталното групно силување и претепување во автобус во индиската престолнина Њу Делхи, свирејќи ја истовремено легендарната „Imagine“ од Џон Ленон.

Гитаристите се собрале во четвртокот на музичкиот фестивал во градот Дарџелинг, три седмици по тешкото злосторство врз 23-годишната студентка. Ја засвиреле „Imagine“ поради ширење на „надеж и мир“ по случајот кој ја потресе Индија.
„Ја избравме оваа песна бидејќи зборува за надежта, мирот и ветувањата. Тоа е наш гест со кој покажуваме дека сме на страната на семејството на жртвата во моментот на неискажлива болка и тага“, изјави Сонам Бутиа, еден од организаторите на фестивалот во Дарџелинг.
Пет мажи во четвртокот беа службено обвинети за групно силување и убиство на индиската студентка во случајот која предизвика гнев кај многу Индијци поради неспособноста на властите да го спречат насилството врз жените.
Бруталниот напад врз 23-годишната студентка и нејзиното момче предизвика насилни протести во близина на седиштето на индиската влада во Њу Делхи и отвори дебата на национално ниво за сексуалните злосторства во Индија.
Социолозите оценуваат дека протестите се одраз на подлабоките фрустрации на многу Индијци од негрижата и слабоста на владата во решавањето на општествените и економските прашања.
Повеќето силувања и други сексуални престапи во Индија не се пријавуваат и ретко се казнувани, а жртвите на силувањето и сексуалните напади често тешко ги остваруваат своите права, нагласуваат активистите за правата на жените. Бруталноста на нападот во автобусот беше орозот за масовните протести и барања да се стори нешто за да се измени практиката на постапки против силувачите. Илјадници луѓе, претежно студенти, последните денови протестираа барајќи поголема безбедност за жените воопшто и подобро процесуирање на случаите на силување и сексуалните напади.
По 2004 година смртната казна во Индија е извршена само двапати, во случај на силувач и убиец на една ученичка и за еден од напаѓачите од терористичкиот напад во Мумбаи во ноември 2008 година кога загинаа околу 160 луѓе.
Во Индија последните години има и многу повеќе реакции против идејата за одговорност на силуваните жени. Здруженијата за заштита на правата на жените сметаат дека индиската јавност и натаму не ги согледува вистинските обеми на нападите и силувањата, ли број се зголемил за повеќе од двојно во периодот меѓу 1990 и 2008 година.
Њу Делхи кој има 16 милиони жители, има и највисока стапка на сексуални злосторства меѓу големите индиски градови со едно пријавено силување на секои 18 часови, а во Индија на секои 20 минути, според полициската статистика.
Петтемина мажи се обвинети за нападот врз девојката на 16-ти декември, а шестиот кој наводно има 17 години треба да биде изведен пред суд за малолетници. Таа била брутално претепана со метална прачка и силувана најмалку еден час и исфрлена од автобусот во кој се качила заедно со нејзиното момче по грешка кога се враќале од кино проекција. По неколку операции во Њу Делхи, девојката беше префрлена во болница во Сингапур, но лекарите не успеаја да и’ го спасат животот, и објавија дека починала поради тешки повреди на внатрешните органи и на мозокот.

Пронајдете не на следниве мрежи: