Претседателот Иванов на ракометарите им посака среќа и успех во Шпанија

Претседателот Ѓорге Иванов во вторникот ги прими членовите на македонската машка ракометна репрезентација, во пресрет на нивното учество на Светското првенство во ракомет за мажи кое ќе се одржи од 11 до 27 јануари во Шпанија.

Претседателот Иванов им порача на македонските ракометари да веруваат во себе и во своите квалитети, истакнувајќи дека успесите постигнати на минатогодишното Европско првенство треба да бидат дополнителен мотив за освојување висок пласман и на претстојното првенство во Шпанија. Изразувајќи поддршка во името на сите граѓани на Македонија, Претседателот им посака многу среќа и успех на македонските репрезентативци на претстојните натпревари.
„Онаму каде што е репрезентацијата, таму е и Македонија. Вие сте идоли на младите генерации и благодарение на вас многу млади го одбрале и ќе го одберат спортот. Вие сте нашите најдобри амбасадори и не се сомневам дека повторно ќе направите целиот свет да зборува за Македонија”, порача македонскиот претседател.
Ракометарите се заблагодарија за поддршката од претседателот Иванов и истакнаа дека се подготвени за претстојните натпревари, со искрена надеж дека повторно ќе донесат голема радост за сите македонски граѓани.
„Со тек на време оставаме голема трага зад нас, се надеваме дека тие успеси ќе се остваруваат и по нас. Оваа репрезентација ја одликува скромност, а сега имаме голема обврска да покажеме дека успехот во Србија не беше случаен”, изјави ракометарот Бранислав Ангеловски.
По минатогодишното освоено петто  место на Европското првенство, Претседателот на Република Македонија ги одликуваше членовите на Македонската ракометна репрезентација со „Медал за заслуги за Македонија“, за афирмација на Македонија во светот со постигнатите врвни резултати во ракометот на меѓународен план, и за исклучителен придонес за развој и популаризација на овој спорт во нашата земја.

Пронајдете не на следниве мрежи: