Голема ретроспективна изложба на Курт Швитерс во лондонски Tate

Изложба посветена на германскиот сликар од водечките уметници на европскиот модернизам Курт Швитерс, ќе биде отворена кон крајот на јануари во лондонскиот музејот Tate Britain.
Станува збор за прва голема ретроспектива на делата на Курт Швитерс во речиси последните три децении, а е посветена на подоцнежната фаза на германскиот уметник, по неговото бегство од нацистичка Германија и пристигнувањето во Велика Британија.
Една од клучните фигури на европскиот дадаизам, Швитерс се изразувал низ разни жанрови и медиуми, вклучувајќи го и конструктивизмот, надреализмот, поезијата, звукот, сликарството, скулптурата, графичкиот дизајн, типографијата и она што подоцна стана инсталациска уметност. Меѓутоа, тој воедно е и автор на некои од најубавите и најзрелите колажи од XX век со кој отвори пат за поп-артот и движењето наречено „arte povera“, најпознат по своите колажи од серијата „Merz Pictures“ во кои ги комбинира „за потребите на уметноста, сите материјали што може да се замислат“, се наведува во материјалот на лондонскиот музеј по повод најавата на изложбата на Швитерс. „Merz“ е збор што не значи ништо а доаѓа од насловот „Commerzbank“ односно од парче од новински оглас кој се појавува во еден од неговите колажи од раниот период. Еден од неговите најпознати ткн „Merz“ експерименти е „Hanover Merzbau“, иновативна хибридна инсталација на уметноста и архитектурата којашто ја конструирал во домот на неговите родители во предградие на германскиот град Хановер во периодот меѓу 1923 и 1936 година, уникатна архитектонска конструкција којашто се смета за една од клучните изгубени дела на европскиот модернизам. Овој уметник е познат и по иновативното употребување на пронајдени предмети и секојдневни материјали во апстрактен колаж, инсталации, поезијата и уметничките перформанси, кој жицата, ватата или металните тркалца ги сметал исто толку важни алатки за уметничко истражување. Швитерс бил принуден да ја напушти родната Германија откако тогашната тамошна нацистичка влада неговата уметност ја прогласи „дегенерирана“. Заминал прво за Норвешка, од каде со последниот брод пред нацистичката окупација на оваа земја впловил во шкотското пристаниште Лејт. Таму бил задржан како странски непријател и заедно со многу други германски бегалци меѓу кои имало и многу уметници, бил сместен на островот Ман (Isle of Man) каде учествувал во групни изложби и одржувал поетски вечери. На лондонската уметничка сцена се појавува откако е пуштен од своевидниот логор на островот во 1941 година, но сепак до смртта во оваа земја останал прилично непознат и незабележан, а починал сиромашен и гледен во својата последна голема скулптура и инсталација, преуредената штала „Merz Barn“, своевидно продолжување на инсталацијата „Hanover Merzbau“. Изложбата под наслов „Schwitters in Britain“ (Швитерс во Британија), којашто ќе се одржи од 30-ти јануари до 12-ти мај во Tate Britain, претставува своевиден британски омаж на овој голем уметник, а го опфаќа периодот од неговите бегалски почетоци во 1940 година до неговата смрт во Камбрија во 1948 година, со акцент на последиците од егзилот врз неговите дека низ повеќе од 150 колажи, композиции и скулптури, од кои некои првпат ќе бидат изложени по повеќе од 30 години. Меѓу попознатите експонати ќе бидат еден од раните примероци на неговиот уникатен концепт „Merz“ – „Merz Picture 46 A“, потоа „The Skittle Picture“ од 1921 година, скулптурата „Untitled (Birchwood Sculpture)“ настаната во текот на патувањето до Британија во 1940 година, неговиот со колажи опточен патнички ковчег, како и групата дела од неговата самостојна изложба од 1944 година во The Modern Art Gallery, вклучувајќи ја и познатата композиција „The Modern Art Gallery“ настаната во периодот од 1941 до 1944 година. Откако во 1945 година се преселил во Лејк Дистрикт, инспириран со руралните камбриски пејзажи, Швитерс започнал во своите дела да вградува предмети од природата, што на лондонската изложба ќе биде прикажано преку малата група помали скулптури во кое е и „Untitled (Opening Blossom)“ којашто потекнува од периодот 1942 – 1945 година, којашто ја сметал за едно од своите најуспешни „британски“ дела. Како што се истакнува уште во најавата на изложбата на интернет страницата на музејот Tate Britain, оваа изложба ја заокружува анализата на трајното наследство на Швитерс низ неговото влијание врз другите уметници. Имено неговата уметничка оставина продолжува да се чувствува во делата на уметниците како што се Ричард Хамилтон, Едуардо Паолоци и Дамиен Хирст. Изложбата Tate Britain ја организира во соработка со музејот Sprengel Museum Hannover каде што ќе биде пренесена на 2-ри јуни.
 
Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: