Американската Републиканска партија седмицава во Тампа на Флорида ја одржува националната конвенција на која се очекува единство при потврдата на претседателската кандидатура на Мит Ромни, но под навидум складната површина чека застрашувачка иднина и можност за внатрепартиски судир.
Ова го пишува весникот Los Angeles Times кој повикувајќи се на испитување на јавното мнение, наведува дека републиканците денес се повеќе обединети во желбата да го поразат демократскиот претседател Барак Обама на претседателските избори кои ќе се одржат на 6-ти ноември годинава отколку на претходните избори, во поддршката за Мит Ромни како иден претседател што се покажало, како што се наведува во текстот, и во долгите и исцрпувачки внатрепартиски избори во коишто Ромни, поранешниот гувернер на сојузната држава Масачусетс, покажа разидување со партиското гласачко тело.
Весникот напоменува дека поделбите меѓу републиканците јасно ќе се согледаат и во текот на самата конвенција, бидејќи, како што ги нарекува авторот на написот, социјално и верски освестените партиски членови ќе се соберат околу Рик Санторум, противникот на Ромни на внатрепартиските избори, и Михела Бахман. Оние со полиберални ставови ќе го следат Рон Пол, а уште еден поразен кандидат на републиканските избори, Њут Гингрич, ќе претседава со семинарите за делегатите на конвенцијата.
Стратезите на кампањата на Ромни, во настојувањата преку конвенцијата, како извонредно медиски и општествено следен настан, да ги придобијат засега нерешителните избирачи, во прв план ќе ги стават прашањата за здравствената заштита и незадоволството на јавноста.од економските политики на актуелниот претседател Барак Обама, настојувајќи што е можно повеќе на страна да ги турнат крајно конзервативните ставови, со чија помош Ромни ги доби внатрепартиските избори за претседателската номинација, како што се прашањата за имигрантите и прашањата за истополовиот брак и абортусот.
Суштината е во тоа, пишува натаму Los Angeles Times, што Латиноамериканците како најбрзо растечката заедница во САД, по прашањето за илегалното доселување гледаат поинаку отколку Мит Ромни, а младите гласачи ги одбиваат републиканските ставови за абортусот, истополовите бракови и контрацепцијата, што против нив многу добро го користат демократите.
„Републиканците стануваат сѐ постара и сѐ побела партија која затоа е сѐ помала“, нагласува во текстот коментаторот на Los Angeles Times.
Аналитичарите, оттаму, сметаат дека републиканците мора да го прошират своето влијание во американската избирачка база, инаку им се заканува опасност од политичко одумирање. Парадоксално, пишува весникот, Латиноамериканците веројатно повеќе ги интересираат економските прашања отколку илегалното доселување, но „доколку гласачите не чувствуваат дека ги почитувате како човечки битија, нема ни да го сослушаат она што имате да им го кажете околу даноците на екстра добивката или заемите за отпочнување мали претпријатија“, вели за Los Angeles Times, поранешниот републикански советник Дан Шнур.
„Проблемот е во тоа што остриот став е добар за победа на партиските избори, но во однос на Хиспано избирачите, е лош за успех на претседателските избори. И не гледам едноставно решение за тоа“, го пренесува весникот мислењето на уште еден поранешен републикански функционер, Џек Питни.
Младите гласачи, од друга страна, имаат проблем со апсолутниот став на републиканците против абортусот, коешто нималку не се променило веќе три децении.
Така, Los Angeles Times наведува дека истражувањата на јавното мнение покажале дека мнозинството избирачи на возраст меѓу 18 и 29 години ги споделува ставовите спротивни на републиканските во врска со истополовите бракови и правото на абортус, што се вклопува во мнението за републиканците како партија на „постари бели хетеросексуалци“, поради што оваа партија, според оцените на некои американски аналитичари, мора да изнајде начин да им се приближи на помладите генерации, доколку сака политички да опстане.
„Независно од тоа дали 65-годишниот Ромни ќе победи на изборите, неговата кандидатура веројатно ќе биде последниот потег на неговата генерација републиканци. За четири или осум години, расправата за иднината на партијата ќе ја водат млади ликови“, смета авторот на текстот објавен во понеделникот во Los Angeles Times.
Дополнителниот проблем на Ромни, според текстот, би бил тоа што во деновите пред конвенцијата, наместо да биде главна вест, конвенцијата и целата партија се најдоа во втор план поради други настани.
Конвенцијата, независно за која партија станува збор, привлекува големо внимание, а токму тоа големо присуство во медиумите ја зајакнува позицијата на кандидатот пред одржувањето на изборите. Меѓутоа, Ромни на неа не може премногу да смета поради две работи – прашината што пред неколку дена ја подигна кандидатот на Републиканската партија за Сенатот од сојузната држава Мисури, Тод Ејкин, со изјавата дека не само што постои „законско силување“, туку и со тезата дека жените коишто биле жртви на такво силување ретко забременуваат бидејќи „женското тело има начини целата таа работа да ја отфрли“ и – надоаѓањето на ураганот Исак, поради кој и почетокот на конвенцијата наместо во понеделникот претпладне беше одложен за вторникот попладне, а целиот настан е скусен за еден ден.
Тоа значително ја намалува „појавноста“ на Мит Ромни на телевизиите и во другите медиуи, каде што избирачите можат подобро да го запознаат како личност и да се запознаат со неговите предности, а тоа е голем проблем за републиканските стратези, бидејќи тие сметаат дека поголемиот дел од американските гласачи мислат дека Обама не заслужува уште еден мандат, но се нерешителни во однос на Ромни.
„Моментално Обама е само втор избор на Американците за претседател“, го цитира Los Angeles Times долгогодишниот републикански стратег Мајк Марфи.
„Она што Ромни мора да го смисли, е како од трет избор да стане прв“, тврди Марфи.
макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: