Шпигел: Ал Каеда планира грабнувања во Либија

Глобалната терористичка мрежа Ал Каеда планира грабнување на германски и британски државјани во Либија, пишува во неделата германскиот седмичник Spiegel повикувајќи се на разузнавачки извори во Берлин. 

Германија и Велика Британија се меѓу неколкуте западни држави кои ги повикаа своите државјани да го напуштат источниот дел од Либија и градот Бенгази во четврток, откако во соседен Алжир исламските милитанти земаа во заложништво стотина странски државјани од кои триесетина загинаа во обидот за нивно ослободување.

Неделникот Spiegel, повикувајќи се на неименувани извори во Германската сојузна разузнавачка служба (BND), пишува дека Ал Каеда и другите милитантни групации од регионот планираа специјални напади врз британски и германски државјани на територијата на Либија.

Изворот не прецизирал за какви напади станува збор, а од BND официјално не сакале да дадат каков и е коментар на овие информации. Повикот за западните државјани да го напуштат Бенгази е лош сигнал за либиските власти кои сакаат да привлечат странски инвеститори и да ја обноват инфраструктурата којашто тешко беше оштетена во текот на вооруженото востание со кое беше соборен ликвидираниот поранешен челник на Либиската Џамахирија, полковникот Моамер ел-Гадафи.

Се верува дека малку западни државјани останале во Бенгази, кој веќе беше сцена на неколку напади врз странски дипломати, вклучувајќи го и оној од 11-ти септември 2012 година врз американскиот конзулат во кој беше убиен американскиот амбасадор во Либија, Кристофер Стивенс и уште три дипломатски претставници државјани на САД.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: