Свечено отворање на 14. параолимписки игри во Лондон

На Паралимписките Игри учествува и Република Македонија со двајца спортисти во стрелаштво, Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов. Тие ќе се натпреваруваат во пукање од воздушен пиштол, со спортски пиштол на 25 метри и со пиштол по слободен избор на 50 метри.

Во вечерашната церемонија на свеченото отворање предвидено е да учествуваат три илјади доброволци, стотина деца, како и стотина професионалци. На отворањето ќе присуствува и кралицата Елизабета, како и војводата и војводката од Кембриџ, принцот Вилијам и неговата сопруга Кетрин Мидлтон.

Претседателот на Организацискиот комитет на Игрите, лорд Коу изјави дека организаторите имале само еден ден одмор по завршувањето на Олимпијадата.

– Веднас потоа започнавме со работа за организирање на овие Игри, за комплетно да ја завршиме обврската што ја презедовме пред седум години, рече Коу.

Правите Паралимписки игри се одржани во Рим во 1960 година, само една недела по завршувањето на тогашната летна Олимпијада, што се одржа во италијанскиот главен град. Во Токио во 1964 година се одржаа Олимписките и Паралимписките игри, едни по други, но во Мексико, во 1968 година, домаќинот на тогашната Олимпијада одби да ги организира и игрите за инвалидизираните спортисти. Во следните 20 години се прекина практиката летните Олимписки Игри и Паралимписките игри да се одржуваат во ист град, едни по други. Дури во 1988 година, организаторите на Олимпијадата во Сеул се согласија повторно домаќинот на едните Игри да ги организира и другите. Од 2001 година тоа стана обврска за секој град, што ќе се кандидира за домаќин на летните Олимписки Игри.

Велика Британија која важи за „родното место“ на параолимпиското движење и на Игрите на инвалидизираните луѓе и спортисти, очекува годинешнава манифестација да биде најголемата што досега се одржала во изминатите 52 години. Покрај најголемиот број спортисти, во Лондон ќе има и вкупно 21 спортска дисциплина, што е најмногу досега. Организаторите пуштија во продажба 2,5 милиони влезници, а на два дена пред почетокот на овие Игри беше соопштено дека се продадени 2,3 милиони. Дури половина милион влезници за гости и посетители од странство.

Пронајдете не на следниве мрежи: