Јаневски: Со проверени сили против Данска

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Чедомир Јаневски, го соопшти списокот на играчи, на кои ќе смета за претстојниот контролен натпревар со Данска, кој ќе се одигра во Скопје на 6 февруари.

Натпреварот со Данска ќе биде последната контрола за националниот тим пред квалификациските средби со Белгија на 22 и 26 март, во Скопје, односно Брисел.

„Намерно решивме да играме со еден квалитетен противник, бидејќи во првите две средби во 2013 година нè очекуваат две тешки средби со Белгија. Поради тоа, во консултации со стручниот штаб решивме да одиграме натпревар со репрезентација која високо котира на ФИФА ранг листата. Репрезентацијата на Данска игра сличен фудбал како и Белгија. На овој меч, по три месеци пауза, ќе можеме да видиме до каде сме со формата и евентуално да испробаме некои играчи на одредени позиции, кои за првиот меч со Белгија ќе бидат испразнети поради повреди и суспензии“, рече селекторот Јаневски на прес конференцијата.

Зимската пауза во одредени првенства, каде што настапуваат македонските репрезентативци, може според Јаневски, да предизвика мали проблеми кога во прашање е подготвеноста и формата на играчите.
На списокот на Јаневски, по инцидентот пред квалификацискиот натпревар со Србија, повторно ги нема Попов и Ристиќ, додека поради повреди селекторот не може да смета на Ѓеорѓиевски, Хасани и Шиков.

„Според информациите кои ги имам Хасани ќе биде подготвен веќе за десет дена, додека Ѓеорѓиевски, како што ме информираа од неговиот клуб Стеауа, до март ќе се врати на фудбалските терени. На местото на Ѓеорѓиевски, кој поради жолти картони нема да може да игра на првиот меч со Белгија, решивме да го повикаме Стефан Ристовски од Бари. Ќе му дадеме минутажа за да видиме како ќе се снајде во А репрезентацијата“, информира селекторот.

Список на репрезентативци за натпреварот со Данска:
Голмани: Пачовски (Мехелен/Белгија), Богатинов (Карпати/Украина)
Одбрана: Тодоровски (Полонија/Полска), Грнчаров (Боте Пловдив/Бугарија), Ристовски (Бари/Италија), Новески (Мајнц/германија), Марковски (Аполон/Кипар), Лазаевски (Партизан/Србија), Мојсов (Таврија/Украина)

Ред за врска: Демири (Тун/Швајцарија), Стјепановиќ (Вардар), Тасевски (Кирјат Шмона/Израел), Ранѓеловиќ (Вардар), Блажевски (Хоризонт Турново), Глигоров (Алки/Кипар)

Напад: Тричковски (Бриж/Белгија), Пандев (Наполи/Италија), Ивановски (Астра Полешти/Романија), Ибраими (Марибор/Словенија), Трајковски (Зулте Варегем/Швајцарија), Јаховиќ (Цирих/Швајцарија).

Првиот собир репрезенативците ќе го имаат на 4. февруари, во пресрет на мечот со Данска, Јаневски ќе одржи два тренинга. Данска, во Скопје ќе пристигне на 5. февруари, истиот ден во 18:30 чесот ќе тренираат на „Филип Втори“.

Пријателскиот натпревар Македонија-Данска ќе се одигра на 6. февруари со почеток во 19:30 часот.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: