Замрзната побарувачка ги намали кредитните пласмани во еврозоната

Кредитите од банките во приватниот сектор во еврозоната се намалиле во декември, осми месец по ред,  имајќи предвид дека должничката криза во земјите од оваа унија и натаму ја замрзнува побарувачката, покажуваат податоците објавени во понеделникот.

Заемите од банките во еврозоната за приватниот сектор паднале во декември 2012 година за 0,7 отсто во однос на истиот месец претходната 2011 година, по намалувањето од 0,8 проценти во ноември минатата година, соопшти Европската централна банка (ECB).

Европската централна банка веќе подолго тврди дека падот на кредитите за приватниот сектор ја одразува слабата побарувачка на кредити, а не строгите услови на кредитирањето, имајќи ги предвид песимистичниот поглед на изгледите на раст на еврозоната и зголемената аверзија кој ризиците во време на кризата.
Од ECB, исто така, ги објавија и податоците за понудата на парите во еврозоната коишто покажуваат забавување на растот на паричната маса во минатиот месец.

Тоа, инаку, е клучната насока за инфлацијата во претстојниот период.
Така, показателот М3 кој го мери износот на пари, се зголемил во декември за 3,3 отсто, во споредба со 3,8-процентниот раст во ноември.
Во ECB го сметаат М3 за клучна насока за инфлаторните притисоци и го користат за одредување на каматните стапки.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: