Apple ја загуби тужбата за патенти против Samsung во Јапонија

Американската компанија Apple во петокот ја загуби тужбата против Samsung Electronics поднесена поради копирање патенти, откако судот во Токио донесе пресуда дека јужнокорејската компанија не ги повредила правата поврзани со интелектуалната сопственост на американскиот производител.

Глобалната патентна конфронтација меѓу двете најголеми компании на пазарите на мобилните уреди започна пролетта минатата година, кога Apple го обвини ривалот за копирање на изгледот и елементи на интерфејсот на смартофонот iPhone и таблет компјутерите iPad. Минатата седмица советот на Врховниот суд на САД донесе пресуда во полза на Apple со наложување да и’ биде исплатена отштета од 1,05 милијарди долари. Паричната казна за Samsung може да се зголеми уште повеќе, бидејќи Apple се обидува да издејствува забрани за продажбата на одредени смартфони на јужнокорејската компанија во САД.

Јапонскиот суд, за разлика од американскиот суд, не најде дека во производите на Samsung има поврзаност и повреда на интелектуална сопственост на Apple. Особено не се констатирани повреди во реализација на синхронизација на мобилните уреди за видео и музика, пишува Bloomberg.

Компанијата Apple, која го негираше тоа тврдење, ќе мора да ги плати судските трошоци.

Веднаш по изрекувањето на пресудата, акциите на Samsung се зголемија за околу еден процент, што делумно ги надоместува значителните загуби во вредноста од понеделникот, по вестите за пресудата во САД.

Претставник на KDDI, еден од најголемите мобилни оператори во Јапонија, изјави за Reuters дека не гледа сериозни импликации за пазарите по пресудата од Токио.

Во Јапонија се продаваат паметни телефони и произведени од Samsung и произведени од Apple, меѓутоа мобилниот пазар историски е многу различен од пазарите во другите региони.

Минатата седмица во сторијата на глобалната конфронтација меѓу Apple и Samsung беше впишан уште еден од многубројните судски спорови меѓу двата технолошки гиганта. Имено, судот во Јужна Кореја донесе одлука дека двете страни меѓусебно ги прекршиле правата за интелектуална сопственост. Судот во јужнокорејската престолнина Сеул им нареди на Apple и на Samsung да си исплатат меѓу себе мали реципрочни надоместоци, а, исто така, ја забрани продажбата на одредени, не најнови, мобилни апарати на двете компании во Јужна Кореја.

На светскиот пазар на паметни телефони, според аналитичката компанија IDC, Samsung е лидер на кој отпаѓа, според податоците за вториот годинешен квартал, удел од околу една третина од испорачаните уреди. Во делот на таблет компјутерите неприкосновен лидер е Apple, неговата линија таблети iPad во истиот период има удел од повеќе од две третини од пазарот, покажуваат податоците на аналитичката компанија Strategy Analytics.

макфакс

Loading...