15 млади поети ќе читаат на третата „Отскочна даска“

Петнаесет млади поети се избрани да читаат поезија на третата „Отскочна даска“ што ќе се одржи на 29 мај од 20:00 часот во кафе-книжарницата „Буква“, во склоп на годинешниот „Скопски поетски фестивал“. На самите поети учесници ќе остане задачата да го одберат најдобиот поет/ поетеса меѓу нив, за тој/таа да чита и на официјалното отворање на фестивалот на 30 мај, заедно со другите учесници во официјалната програма.

Вкупно 40 млади поети доставиле свои дела од кои интерната жири-комисија составена од членови на управниот одбор и на организацискиот одбор на фестивалот избра 15-мина за настап на годинешното второ издание на „ Отскочна даска“.

Имињата на избраните 15-мина (по азбучен ред на презимето) се: Андреј Анѓеловиќ, Надица Банишка, Сања Василева, Душко Двојаковски, Вероника Димоска, Сара Ѓорѓијоска, Селин Есад, Моника Ивановска, Анамарија Јанкова, Јане Моневски, Милена Неделковска, Мила Поповска, Дарио Постоловски, Стефан Спасовски и Карла Шкрлец.

„Во овој миг би сакале да им пратиме порака и на другите млади поети што учествуваа: бевте одлични и ве охрабруваме да продолжите со пишување. Ќе ни биде драго ако присуствувате на сите настани во рамки на фестивалот“, порачуваат организаторите.

​„Скопскиот поетски фестивал“, чиешто четврто издание ќе се одржи во периодот од 29 мај до 1 јуни, е поддржан од Министерство за култура, а негови помагатели се Младинскиот Културен Центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (HDP), ПНВ Публикации и Хотел Цара 1928. Медиумски покровител е МИА, а медиумски партнери се Радио МОФ, Кајгана, Умно и Култура Бета

Пронајдете не на следниве мрежи: